Бритни Спирс добива биографски филм, сценариото го пишува авторката на „New Girl“

Филмот ќе се темели на мемоарите „The Woman in Me“, а зад проектот стои тимот што го создаде хитот „Wicked“

Животната приказна на Бритни Спирс конечно ќе добие филмска верзија.

Студиото Universal ја ангажираше Лиз Мериведер, авторката и продуцентка позната по сериите „New Girl“, „The Dropout“ и „Dying for Sex“, да го напише сценариото за биографскиот филм за поп-ѕвездата. Режијата ќе ја потпише Џон М. Чу, а продукцијата Марк Плат – тимот што стои зад големиот филмски хит „Wicked“.

Филмот ќе се темели на мемоарите на Бритни од 2023 година, „The Woman in Me“, во кои таа отворено пишува за подемот до светска слава, врските под постојан медиумски притисок и долгогодишното старателство од кое подоцна се избори да се ослободи.

Книгата стана глобален бестселер, а аудиоизданието, прочитано од актерката Мишел Вилијамс, постави рекорди за издавачот Simon & Schuster.

Засега не е познато кој ќе ја игра Бритни, ниту кога филмот ќе почне да се снима.

е-Трн да боцка во твојот инбокс