Инспирирана од Доли Партон, Британка подари над 60 милиони евра од лотарија

Френсис Коноли освои 115 милиони фунти на лотарија, но наместо на луксуз, парите ги насочи кон заедницата преку две добротворни фондации.
Фото: Flickr/Timothy Wildey

Френсис Коноли од Северна Ирска, која во 2019 година освои речиси 115 милиони фунти на лотаријата „Евромилиони“, раздели повеќе од половина од своето богатство на хуманитарни и локални иницијативи во Велика Британија. Поранешната наставничка вели дека водилка ѝ била американската кантри-пејачка Доли Партон, следејќи го нејзиното филантропско правило: штом добиеш животна шанса и доволно средства, твојата должност е да им помогнеш на оние што имаат помалку среќа.

Френсис и нејзиниот сопруг Патрик Коноли го освоија џекпотот на 1 јануари 2019 година. Веднаш по исплатата составиле список од 50 луѓе, претежно роднини и пријатели, со кои ги споделиле првите милиони.

Потоа основале две добротворни организации. Првата, фондацијата „Кетлин Греам“, е лоцирана во нејзиниот роден крај во Северна Ирска и го носи името на нејзината почината мајка. Втората, „PFC Trust“, работи во Хартлпул, англискиот град каде што живеат денес. Преку овие фондации парите одат директно за локални спортски клубови, центри за стари лица, помош за бегалци и згрижувачки семејства.

„Давањето создава зависност. Тоа е најдоброто можно чувство, особено кога гледате како парите директно менуваат нечиј живот“, изјави Коноли за британските медиуми.

Коноли објаснува дека американската музичка ѕвезда Доли Партон отсекогаш ѝ била пример за тоа како треба да се управува со ненадејно богатство. Пејачката е позната по своите обемни програми за описменување на деца и милионски донации за здравството и образованието.

„Секогаш велев: ако некогаш добијам на лотарија, сакам да бидам како Доли Партон. Нејзината филозофија е едноставна. Ако имаш доволно за себе, помогни му на следниот“, вели Коноли. Таа додава дека никогаш не сакала да се најде на листата на најбогати луѓе на „Сандеј тајмс“.

Според неа, парите не носат автоматска среќа, туку само слобода на одлучување. „Парите ви даваат избор. Тоа е сè што прават. Можете да изберете да купите јахта или да му помогнете на локалното училиште да набави опрема“, вели таа.

Досега семејството Коноли има подарено преку 60 милиони фунти, што е над 70 милиони евра. Наместо да трупаат пасивен капитал, тие секоја година однапред утврдуваат буџети за поддршка на проекти на кои државниот систем честопати заборава.

За време на здравствената криза со ковид-19 набавиле стотици електронски уреди за пациенти изолирани во болниците, како и заштитна опрема за најранливите категории граѓани. Коноли тврди дека не жали за потрошеното, затоа што парите имаат смисла само ако циркулираат онаму каде што се најпотребни.

е-Трн да боцка во твојот инбокс