Иако со пет светски титули е најуспешната фудбалска нација во историјата, Бразил на Светското првенство 2026 заминува по 24 години без мундијалски трофеј и овојпат не важи за апсолутен фаворит.
Во надеж дека патот кон Северна Америка ќе им донесе среќа, бразилските репрезентативци заминаа со симболичен чин од аеродромот „Галеао“ во Рио де Жанеиро, каде нивниот авион беше „крстен“ пред полетување, пишува Yahoo Sports.
Пред летот за Њуарк, Њу Џерси, авионот со бразилската репрезентација помина под воден лак, формиран од две противпожарни возила. Станува збор за традиција во авијацијата што често се применува при важни летови, како прв лет на авион, последен лет или специјални патувања.
„Крштевањето“ го организирале вработените на аеродромот, кои за оваа прилика го контактирале Бразилскиот фудбалски сојуз и добиле одобрение.
Бразил во вторник пристигна во Њуарк, а последниот подготвителен натпревар пред Мундијалот ќе го одигра на 6 јуни против Египет, на стадионот Huntington Bank Field во Кливленд.
Репрезентацијата ќе настапи во групата Ц, а Светското првенство го отвора на 13 јуни со натпревар против Мароко на стадионот MetLife во Ист Радерфорд.
Сепак, Бразил најверојатно ќе биде без Нејмар во првите два натпревари. Лекарот на тимот, Родриго Ласмар, минатата недела потврди дека најдобриот стрелец во историјата на бразилската репрезентација има повреда на листот од втор степен и дека се очекува да биде подготвен за две до три недели.
Нејмар нема настап за националниот тим од октомври 2023 година, кога ги скина предните вкрстени лигаменти. Поради тоа, Бразил тешко може целосно да ги темели надежите на неговото враќање, особено во турнир каде секој здрав играч ќе биде од големо значење.
Иако оваа генерација не се смета за една од најмоќните во историјата на Бразил, симболичното испраќање со воден лак покажа дека очекувањата и емоциите околу „Селесао“ никогаш не се мали.