Братот на Дијана со нови откритија за кралското семејство

Нова книга на Ерл Чарлс Спенсер, братот на покојната принцеза Дијана, повторно ги отвора најконтроверзните моменти од животот на британското кралско семејство.
Фото: National Portrait Gallery/© Mario Testino

Нова книга на Ерл Чарлс Спенсер, братот на покојната принцеза Дијана, повторно ги отвора најконтроверзните моменти од животот на британското кралско семејство.

Во мемоарите „Swan Song“, Спенсер пишува за односот на Дијана со тогашниот принц Чарлс, за деновите по нејзината смрт, но и за односите меѓу принцовите Вилијам и Хари.

Едно од најшокантните тврдења се однесува на разговорот што Спенсер го имал со Чарлс по смртта на Дијана во сообраќајната несреќа во Париз во 1997 година.

Според неговото сведоштво, во разговорот за организацијата на погребот, кога станало збор за тоа дали Вилијам и Хари треба да одат зад ковчегот на мајка им, Чарлс наводно му рекол: „И онака наскоро ќе ја заборавиме.“

Спенсер тврди дека бил шокиран од овие зборови и дека токму тие останале длабоко врежани во неговото сеќавање.

Бакингемската палата, од своја страна, реагирала дека болката од загубата на блиска личност може да влијае врз расудувањето и сеќавањата, особено многу години по настанот.

„Не можам да кажам дека сум сигурен што мислел“

Во интервју за Би-Би-Си, Спенсер признава дека не може со сигурност да знае што стоело зад тонот на Чарлс, но вели дека разговорот му оставил силен впечаток.

Тој наведува дека нејзината смрт можеби за Чарлс значела и можност да се ожени со жената што ја сакал, идната кралица Камила, но нагласува дека тоа е негово толкување, а не нешто што може да го потврди.

Сепак, Спенсер инсистира дека реченицата за Дијана навистина била изговорена. Тој вели дека внимателно го слушал разговорот и дека подоцна за тоа разговарал со блиски луѓе.

„Знам уште многу работи за кралот“

Спенсер вели дека книгата ја напишал затоа што сметал дека има обврска, како сведок на историските настани, да го остави своето сведоштво.

Тој открива дека знае и други детали за Чарлс кои намерно не ги вклучил во книгата бидејќи, според него, не биле релевантни за приказната.

„Swan Song“, како што објаснува, не ја гледа како напад врз монархијата. Напротив, тој вели дека ја поддржува, но сака да види модерна монархија, ослободена од, како што ги опишува, застарените односи кон кралското семејство.

Се осврна и на Хари и Меган

Во интервјуто Спенсер зборува и за принцот Хари и Меган Маркл. Тој вели дека е загрижен за безбедноста на Хари и го критикува начинот на кој медиумите со години го третирале кралското семејство.

За конфликтот меѓу Хари и Вилијам, пак, вели дека не зазема страна.

„Јас сум на страната на синовите на мојата покојна сестра, на двајцата“, вели Спенсер, додавајќи дека се надева оти еден ден браќата ќе го надминат конфликтот.

Книгата повторно го отвора и прашањето за последните години од животот на Дијана. Спенсер се осврнува на нејзиното интервју за „Панорама“ од 1995 година и на истрагата која подоцна утврди дека новинарот Мартин Башир користел измамнички методи за да го добие интервјуто.

За Спенсер, книгата е неговото последно големо сведоштво за сестра му. Тој вели дека Дијана му недостига секој ден и дека „Swan Song“ ја доживува како негово последно враќање кон целата приказна и како своевиден последен омаж на нејзиниот живот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс