Бранденбуршката порта во Берлин синоќа беше осветлена во боите на виножитото, како симбол на солидарност по терористичкиот напад што се случи за време на Парадата на гордоста во паркот Тиргартен. На прочуената знаменитост беше проектирана и пораката „Берлин, град на слободата“, додека во текот на денот голем број граѓани се собраа пред Бранденбуршката порта за да им оддадат почит на жртвите.
Според германските власти, во нападот загина една жена, а 29 лица беа повредени, откако осомничениот со комбе влетал меѓу присутните на фестивалот. Потоа излегол од возилото и нападнал случајни минувачи со остар предмет, за кој се претпоставува дека бил мачета. Осомничениот, идентификуван како германски државјанин со либанско потекло, подоцна бил убиен во полициска акција во предградие на Берлин, откако пружил отпор при обидот за негово апсење.
Германскиот министер за внатрешни работи Александер Добриндт изјави дека станува збор за исламистички терористички напад. Тој додаде дека осомничениот ѝ бил познат на полицијата и на безбедносните служби поради претходно извршени кривични дела.
Според информациите на германските власти, сите повредени се надвор од животна опасност.