Исповеди зад камерата во Битола: Од полициски испрашувања до борба за природна светлина

Кинематограферите на „Браќа Манаки“ раскажаа за работата на терен, пробивањето на табу-теми и мачните пресврти при монтажата.

Кинематограферите и дел од филмските екипи на 47. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола на отворена прес-конференција ги споделија искуствата од снимањето на фестивалските филмови. Фокусот на разговорите падна врз реалните предизвици со кои се соочувале на терен: недостиг на струја и осветлување, снимање на тензични локации без дозволи, полициски испрашувања, па сè до менување на цели завршетоци и кратење на сцени при монтажата.

Филмот „Срам и пари“, копродукција во која учествува македонската куќа „Лист“, се снимал цела година со фокус врз улиците и архитектурата на Приштина. Кинематограферот Јанис Мазух објасни дека режисерот инсистирал камерата да влезе најдлабоко во личниот простор на актерите.

„Сакаше камерата да е што е можно поблиску до актерите и да ги долови сите нивни емоции, на еден начин да стане член на семејството. Некогаш ги ставаше актерите во најмалото ќоше за да го долови очајот, а мене ми беше тешко да снимам зошто не можеше да се осветли“, изјави Мазух. За време на продукцијата не блокирале улици, па случајните минувачи кои чекале работа станале дел од филмското платно.

Екипата на филмот „Премини: Калех Зијарат“ морала да комбинира анимација за да ја долови приказната за Ормудскиот Теснец. Аниматорот Јакопо Фалсета посочи дека теренот денес е практично недостапен за снимање. Иранскиот режисер, кој работел како истражувач, не добил дозволи, па влегол во контакт со локалците.

„Почна да се поврзува со локалните жители, па и стана сомнителен на полицијата која го испрашуваше, па на крај го избркаа, но од снимките е направен токму овој филм“, раскажа Фалсета.

Кинематограферот Александар Станишев говореше за црната комедија „Црни пари за бели ноќи“, прикажана во програмата на Јадранската мрежа на фестивали. Снимањето барало визуелен баланс меѓу документаристичката сировост на Југоисточна Европа и комичните елементи на ситниот криминал.

„Им предложив да го направиме пофилмичен филмот, поразигран и со посветли бои. Со овој филм прикажавме трагични ситуации кои имаат некаков комичен весел аспект токму преку боите и осветлувањето“, рече Станишев, додавајќи дека снимиле дури осум различни завршетоци, при што неговите најдобри сцени биле исечени во монтажа за да не го одвлекуваат вниманието од приказната.

Слични технички проблеми надминувал и кинематограферот Фејми Даут на краткиот филм „Кучињата немаат соништа“ на Ханис Багашов.

„Местото каде што снимавме нема струја и работевме со светлото кое ни беше на располагање. Навикнат сум на такви услови за работа и не ми беше проблем да се соочам со предизвиците“, рече Даут. Режисерот Багашов дополни дека целта била отворање табу-тема карактеристична за овие простори.

Самир Љума, кој стои зад камерата на краткиот филм „Никола, Никола“, пофали ја храброста на фестивалот да прикажува селекции кои отвораат тешки општествени прашања, наведувајќи дека токму „Браќа Манаки“ бил поводот своевремено да стане кинематографер. И неговиот проект барал динамична камера и храбар кастинг поради деликатноста на темата.

Личните искуства биле темел и за филмот „Раѓање“. Кинематограферката Марина Колоска и режисерката Милена Витман споделија дека по првото снимање поминала цела година пред екипата повторно да се собере и да сними сосема поинаков крај. Колоска на шега забележа дека единствениот спор меѓу нив бил класичниот: кинематограферите ја сакаат темнината, а режисерите светлината.

Турската актерка Есра Гонен, дел од екипата на „Патувањето на една ластовичка“, отворено зборуваше за психолошкиот товар на нејзината улога: прикажување на лик на жена со длабоки слоеви на траума од семејна злоупотреба, која како возрасна носи чувство на вина. Во рамките на претставувањата, Лазар Богдановиќ, кинематографер на „Фантази“, подвлече дека проектот се фокусирал на суштината на балканските специфични теми благодарение на синергијата меѓу актерките.

е-Трн да боцка во твојот инбокс