Борбата против пожарите во Прилепско влегува во завршна фаза, критично во Липковско

Противпожарните тимови спречија трагедија кај Лопатица, но екстремно високите температури и сувиот терен сеуште се закана.

Пожарникарите од Прилеп и доброволните тимови од Битола и Кочани утрово ги ставија под контрола критичните пожари што синоќа директно ги загрозија селата Бонче, Подмол и Лопатица. Со помош на тешка механизација и контрапожар, пожарникарите спречија огнот да премине во населените места. Сепак, властите предупредуваат дека високите пладневни температури може да активираат нови жаришта на тешко пристапниот мариовски терен.

Борбата за спасување на селото Лопатица траеше во текот на целата ноќ. Со интервенција на механизацијата беше направена заштитна пресека, по што прилепските пожарникари со контрапожар успеаја да му го пресечат патот на огнот кон селото Подмол. На теренот беа ангажирани и доброволните тимови на Дирекцијата за заштита и спасување од Битола и Кочани, кои на пешачки и тешко пристапен терен успеаја да изгасат повеќе километри огнена линија. Во моментов активен е само еден крак високо на ридовите над селото Бонче.

И покрај тоа што огнот од мариовската страна е ставен под целосна контрола, критичниот период допрва предстои со покачувањето на температурите околу пладне. Теренот е прекриен со сува трева висока и до еден метар, грмушки и нискостеблеста шума, што го прави идеален за брзо ширење на огнот. На терен остануваат дежурни екипи на пожарникарите од Прилеп и две специјални возила на ДЗС за да спречат евентуално разгорување. Овие села главно се полупразни, во Лопатица постојано престојуваат само двајца жители, но заштитата на имотите и викендиците бара континуиран ангажман село по село.

Додека состојбата во Прилепско се смирува, критично останува во општина Липково. Пожарот кај селото Никуштак, каде што три авиони „ер трактор“ во девет налети фрлија 81 тон вода, излезе од контрола и се шири кон манастирот и селото Матејче. Поради густата населеност, ресурсите се насочуваат за одбрана на куќите. Во Македонски Брод 25 доброволни пожарникари и оперативци на ДЗС делуваат на карпест и речиси непрооден терен каде воздушната поддршка има ограничен ефект.

Дополнително, зафатена е и густа шума во општина Студеничани кон планинскиот врв Китка, каде скопските пожарникари се обидуваат да воспостават контрола преку заштитни пресеки.

е-Трн да боцка во твојот инбокс