Летото носи гужви на „Богородица“: туристите чекаат до еден час

На најпрометниот граничен премин кон Грција, „Богородица“ – „Евзони“, утрово се чекаше од 40 до 65 минути, а дел од патниците поминуваа и низ EES биометриска контрола.

Летната сезона уште на почетокот ги донесе првите поголеми гужви на границата кон Грција. На граничниот премин „Богородица“ – „Евзони“ утрово туристите чекале околу еден час за влез во земјата.

Патници кои ја поминале границата во раните утрински часови јавуваат дека задржувањето траело од 40 до 65 минути. Според нив, дел од патниците поминувале и низ новиот EES систем, но контролата не се применувала подеднакво за сите.

Фотографирањето најчесто се правело за оние кои сè уште не се внесени во системот, додека патниците кои веќе се регистрирани поминувале побрзо, најчесто со проверка преку отпечаток од десната рака.

EES ја забавува границата, но не е единствената причина

EES, односно Entry/Exit System, е електронски систем на Европската Унија за регистрација на влез и излез на патници од земји надвор од ЕУ и Шенген-зоната. Со него постепено се заменуваат класичните печати во пасошите со дигитална евиденција и биометриски податоци, како фотографија и отпечатоци од прсти.

Според информациите на МВР, со воведувањето на EES, влезовите и излезите ќе се евидентираат електронски, а системот ќе овозможи обработка на основни биометриски податоци за побрза идентификација и следење на правилото за дозволен престој од 90 дена во период од 180 дена. Од МВР предупредуваат дека поради тоа може да се зголеми времето на чекање при влез во Европската Унија.

Сепак, долгите редици деновиве не се должат само на EES контролите. Почетокот на туристичката сезона, викенд-патувањата, празниците и зголемениот број возила кон грчките летувалишта дополнително го зголемуваат притисокот на преминот.

Патниците да тргнуваат порано

Грчкиот медиум Kathimerini претходно објави дека по воведувањето на новиот дигитален биометриски систем на границата Македонија се создавале долги колони, со чекање од околу два часа за автомобили, додека туристичките автобуси се соочувале и со подолги задржувања.

Грчките власти претходно најавуваа дека во периоди на зголемен сообраќај дел од процедурите може привремено да се олеснат, но патниците и натаму треба да сметаат на можни задржувања.

За оние што деновиве планираат патување кон Грција, препораката е да тргнат порано, да ја следат состојбата на граничните премини пред поаѓање и да ги избегнуваат најфреквентните термини, особено утринските часови и викендите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс