Ракетата за тешки товари New Glenn на компанијата Blue Origin постави сателит во погрешна орбита за време на своето трето лансирање, потврди вселенската компанија основана од Џеф Безос.
Од компанијата посочија дека околностите сè уште се истражуваат. „Во моментов ја проценуваме ситуацијата и ќе ги ажурираме информациите кога ќе имаме подетални податоци“, соопштија од Blue Origin.
Станува збор за трет лет на тешката ракета New Glenn на Blue Origin, која на 19 април полета од Кејп Канаверал, Флорида, носејќи го телекомуникацискиот сателит BlueBird 7 на компанијата AST SpaceMobile. Иако лансирањето мина успешно, а првиот степен на ракетата повторно беше безбедно приземјен, вториот степен не ја испорача корисната носивост на планираната орбита, туку во пониска од предвидената.
Ова е сериозен удар за мисијата, затоа што AST SpaceMobile соопшти дека сателитот не може самостојно да ја коригира толку ниската орбита со сопствениот погон и дека најверојатно ќе биде деорбитиран. Во исто време, Blue Origin наведе дека причината сè уште се анализира и дека дополнителни информации ќе бидат објавени подоцна.