Блинкен: Кина станува посигурен партнер од САД во светот

Поранешниот државен секретар на САД предупредува дека довербата во Вашингтон опаѓа, а Трамп бара излез од стапица што сам ја создал.

Поранешниот државен секретар на САД, Ентони Блинкен, оцени дека довербата во американското глобално лидерство драстично опаѓа, додека Кина зазема позиција на посигурен партнер во очите на светот. Според неговите зборови, поддршката за САД „целосно се урива на многу места и на разни начини“, а земји како Германија веќе го гледаат Вашингтон како противник наместо сојузник. Блинкен го изнесе ставот во анализа за надворешната политика на администрацијата на Доналд Трамп.

Блинкен посочи дека анкетите покажуваат како Кина денес се смета за посигурна од САД. Како пример ја наведе Германија, за која вели дека веќе ги гледа Соединетите Држави како противник, а слични податоци, според него, се бележат и во други европски земји, како и во Јужна Кореја и Јапонија. Со тоа, оцени Блинкен, САД повеќе не се доживуваат како лидер со кого другите земји сакаат да соработуваат и кого сакаат да го следат.

Поранешниот дипломат се осврна и на воената стратегија на Вашингтон. Иако американската војска ги исполнува задачите што ѝ се поставуваат, проблемот, вели тој, е во самите мисии. „Проблемот е во самата задача, не сме ја промислиле доволно ниту сме поставиле јасни, остварливи цели“, рече Блинкен. Таквиот пристап, според него, доведува до голем несразмер. „Можеби ќе постигнете тактички успеси, како соборување ирански проектили, но стратешки ја губите војната“, појасни тој.

Блинкен беше особено критичен кон позицијата на американскиот претседател, за кого смета дека се нашол во безизлезна ситуација.

„Сега сме во ситуација во која изгледа дека претседателот е донесен во ќош од кој не може да излезе“, оцени тој, додавајќи дека некои таквата состојба ја опишале како „стапица на ескалација“. Според Блинкен, Трамп сака да се извлече од позицијата во која самиот се довел. „Бара излез, но не успева да го најде“, кажа тој и заклучи дека клучниот проблем е во тоа што претседателот „не може да прифати дека создал целосно нова реалност која не постоеше пред оваа војна“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс