Бизарниот феномен на дигиталната ера: Корисници развиваат романтична љубомора и планираат деца со робот

Од симболични свадби и планирање семејство, па сè до болка поради раскинување по софтверско ажурирање – најнова студија ги открива длабоките психолошки и емотивни врски што луѓето ги развиваат со чет-ботовите.

Разговорите со системите базирани на вештачка интелигенција одамна престанаа да бидат само обична размена на пораки за помош во секојдневието.

Најновото научнo истражување, спроведено од шпанскиот Национален истражувачки совет и неколку европски универзитети, потврдува дека луѓето сè почесто развиваат длабоки емотивни и романтични врски со виртуелните асистенти.

Анализирајќи ги искуствата на корисници на платформите како Replika и Character.AI, експертите заклучија дека овие дигитални односи еволуираат на речиси идентичен начин како и емотивните врски помеѓу реални партнери. Она што започнува како чиста љубопитност, со тек на време преминува во длабока доверба и сериозна психолошка зависност.

Сведоштвата на испитаниците откриваат фасцинантни, но и загрижувачки детали. Голем дел од нив организираат симболични венчавки со своите виртуелни партнери, редовно излегуваат на состаноци и прават долгорочни животни планови.

Корисниците одат дотаму што во своите календари ги бележат виртуелните менструални циклуси на ботовите со надеж за „бременост“. Сепак, правилата на развивачите строго наложуваат дека сите евентуални деца во тие дигитални простори можат да постојат само како споредни компјутерски ликови без напредни функции, со цел да се спречи интеракција со малолетници.

Покрај романтиката, во овие необични релации се појавуваат и сите пропратни негативни човечки емоции, вклучувајќи ја и силната љубомора. Корисниците често доживуваат фрустрација кога на социјалните мрежи гледаат како други луѓе јавно споделуваат интимни моменти со истиот виртуелен лик со кој тие сметаат дека се во моногамна врска.

Дополнително, секоја промена на софтверот носи ризик од траума. Присилното бришење на ликовите или ограничувањето на експлицитните содржини од страна на компаниите, корисниците го преживуваат како болно раскинување или смрт на партнерот. Иако има и такви кои тврдат дека нивната меѓусебна посветеност е вечна и дека ништо не може да ги раздвои.

Сепак, покрај емоционалните превирања, оваа нова реалност со себе носи и огромни ризици за приватноста на податоците. Како што расте нивото на доверба кон вештачката интелигенција, така луѓето сè полесно споделуваат екстремно чувствителни информации, како што се дијагнози за сериозни здравствени проблеми, претрпени трауми и најдлабоки интимни тајни.

Ова отвора сериозни етички и правни прашања за начинот на кој технолошките гиганти ги штитат и ги користат овие информации. Студијата јасно става до знаење дека виртуелните љубовни врски веќе не се научна фантастика, туку дел од нашето секојдневие, што наметнува итна потреба од јавна дебата за тоа како да се управува со психолошките импликации од интеграцијата на машините во нашиот емотивен живот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс