Синоќа во Офицерскиот дом во Битола свечено беше отворено 45-тото издание на Малиот Битолски Монмартр, еден од најзначајните меѓународни настани посветени на детското ликовно творештво. Организатор на манифестацијата е детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“, кое традиционално им посакува добредојде на младите уметници од целиот свет. На отворањето присуствуваа бројни гости, претставници на институции и странски делегации.
Во име на Општина Битола се обрати заменик-градоначалничката Марина Крстиќ, која истакна дека станува збор за уникатен настан што со децении ја става Битола на светската мапа на детската уметност, благодарение на визијата на основачот Коста Хаџи-Антоновски. Таа нагласи дека градот со својата архитектура, културно наследство и атмосфера претставува инспирација за младите уметници, кои преку своите дела ја пренесуваат неговата убавина.
На свеченоста се обратија и амбасадорките на Народна Република Кина и Словачка.
Годинава на 45-тото издание учествуваат 18 делегации од 15 земји, додека на конкурсот за Светската детска ликовна изложба „Битола“ пристигнале околу 850 пратки од 85 држави, што претставува околу 85.000 детски цртежи.
Врв на отворањето беше доделувањето на наградите, при што Гран при признанието му припадна на ликовното атеље „Артино“ од Белград, а наградата за животно дело на Хенри Лау од Хонг Конг. Посебно внимание привлече успехот на 17-годишната Битолчанка Ана Полизовска, која стана првата учесничка од Македонија во 45-годишната историја на колонијата што е прогласена за најдобар учесник.
Во наредните пет дена, повеќе од 100 учесници ќе творат во Битола, Старата чаршија, Широк Сокак и Офицерскиот дом, како и на работни посети во Охрид и манастирот „Св. Јован Бигорски“, со очекување да создадат над 700 ликовни дела.