Вредноста на биткоинот (BTC) денес значително порасна и ја надмина границата од 63.000 евра, покажуваат податоците од најголемата светска берза за криптовалути Binance. Во 14:30 часот, цената на биткоинот изнесувала 63.008,73 евра, што претставува раст од околу 4,9 проценти во текот на денот. Паралелно со тоа, се зголемил и обемот на тргување, кој во последните 24 часа достигнал повеќе десетици милијарди евра.
Иако пазарот бележи раст, индексот на „страв и алчност“ (Fear and Greed Index) за биткоинот останува во зоната на „екстремен страв“, иако е подобрен во однос на претходниот ден. Тоа укажува дека инвеститорите сè уште се претпазливи, и покрај позитивното движење на цените.
Според анализите, актуелниот раст на крипто-пазарот се поврзува со делумно смирување на геополитичките тензии и зголемен интерес од институционални инвеститори, кои повторно влегуваат на пазарот.
Покрај биткоинот, раст бележат и другите водечки криптовалути. Етереум (ETH) се зголеми за повеќе од 8 проценти, додека BNB, Солана (SOL) и Аваланш (AVAX) исто така бележат позитивни движења. Тонкоин (TON) забележа умерен раст во текот на денот.
И покрај растот на повеќето дигитални средства, аналитичарите предупредуваат дека крипто-пазарот останува високо волатилен и чувствителен на глобалните политички и економски случувања.