По 48.220 дена доцнење: Списание од 19 век вратено во библиотека во САД

Јавната библиотека во градот Конкорд доби назад примерок од 1894 година, откако објави амнестија за казната од 12.000 долари.

Јавната библиотека во американскиот град Конкорд доби необична пратка кога корисник врати примерок од списанието „The Century Illustrated Monthly Magazine“ позајмен пред цели 132 години. Изданието од септември 1894 година доцнело точно 48.220 дена, а читателот го донел откако установата објави едногодишна амнестија за сите задоцнети задолжувања. Според стандардните тарифи на библиотеката, пресметаната казна за ова рекордно доцнење изнесувала 12.055 долари.

Мажот претставен само како Џон го предал старото издание откако во локалниот весник прочитал дека библиотеката нема да наплаќа пенали. Како што раскажал при враќањето, списанието со децении стоело во неговиот семеен дом, но никој од домашните не знаел кој првично го позајмил во 19 век.

„Откако ја објавивме амнестијата на наплатата, видовме многу среќни лица. Очекувавме книги што доцнат со години, но сигурно не нешто од крајот на 19 век“, објави библиотеката на својата фејсбук-страница.

Од установата потврдија дека Џон нема да плати ниту цент од пресметаните 12.055 долари.

Библиотеката на 1 септември започна едногодишен пилот-проект без казни за задоцнето враќање за да процени како укинувањето на финансиските санкции влијае врз враќањето на позајмениот фонд. Сепак, ова списание нема повторно да биде достапно за слободно изнајмување.

Раководството планира трајно да го смести во „Собата Конкорд“, посебно одделение на библиотеката посветено на зачувување на локалната историја и архивските документи на заедницата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс