Во објава на социјалната мрежа Truth Social, американскиот претседател повторно се закани дека ќе ја нападне цивилната инфраструктура во Иран доколку не се постигне договор. Ова не е прв пат тој да алудира на напади врз мостови и електрани.
Заканата на Доналд Трамп за уништување на електрани и мостови во Иран би можела да се протолкува како закана од потенцијално воено злосторство, според меѓународните договори и конвенции за законите на војување, потсетува Би-Би-Си .
Намерното уништување на енергетската инфраструктура би можело да има катастрофални последици по цивилниот живот – дури и ако се тврди дека ваквите објекти имаат и воена или државна намена.
Луис Морено Окампо , основач и поранешен главен обвинител на Меѓународниот кривичен суд (МКС), кој нема надлежност ниту над САД ниту над Иран, изјави претходно овој месец, кога Трамп упати слични закани, дека бомбардирањето на иранските електрани, како и нападите на Иран и Израел врз енергетската инфраструктура, нема да претставуваат легитимни воени цели.
Според Римскиот статут, основачкиот документ на судот, „намерното насочување напади врз цивилни објекти… кои не се воени цели“ е воено злосторство , рече Морено Окампо.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, кога беше прашана за можни воени злосторства , ги отфрли таквите тврдења.
„Секако, оваа администрација и вооружените сили на Соединетите Американски Држави секогаш ќе работат во рамките на законот. Но, во однос на постигнувањето на сите цели на операцијата „Епски бес“, претседателот Трамп ќе продолжи без двоумење. И тој очекува иранскиот режим да постигне договор со администрацијата“, рече таа.
Самиот Трамп во интервју за весник претходно оваа година изјави дека не му е потребно меѓународно право и дека е ограничен само од својот личен морал.
„Мојот сопствен ум е единственото нешто што може да ме запре“, рече тој.