Над 80 отсто од милениците не се кастрирани, се подготвуваат законски измени

Над 80 отсто од домашните миленици во Македонија не се кастрирани. Новите измени на Законот за благосостојба на животните ќе стават акцент на одговорното сопствеништво и контролата на размножувањето.

Над 80 отсто од домашните миленици во Македонија не се кастрирани, а токму неконтролираното размножување е еден од главните извори на зголемената популација на бездомни животни на улиците.

Ова беше истакнато на состанок на пелагониските општини, организиран од Агенцијата за храна и ветеринарство, посветен на улогата на локалната заедница во управувањето со популацијата на кучиња.

Според учесниците, голем дел од сопствениците немаат навика да ги стерилизираат или кастрираат своите миленици. Кога животните ќе добијат млади, дел од сопствениците не знаат што да прават со нив, па тие завршуваат на улица.

Во подготовка се измени на Законот за благосостојба на животните, со кои треба да се воведе поголем акцент на одговорното сопствеништво, особено кај репродуктивно способните животни.

„Во Македонија зборуваме за бездомна популација, а воопшто не зборуваме за изворите од каде доаѓаат бездомните кучиња. Во законските измени се става акцент на контролата на размножувањето. Сите сопственици кои ќе одлучат нивните кучиња да не бидат стерилизирани, треба да ги регистрираат и да бидат под одреден надзор на ветеринарната професија со цел да се следи новиот број кучиња“, рече Влатко Илиевски, професор на Факултетот за ветеринарна медицина.

Новата стратегија за справување со проблемот со бездомните кучиња предвидува и промовирање поголема кастрација и стерилизација на животните.

„Сè зависи од совеста на сите нас. Според медицинското укажување, со масовна стерилизација и кастрација по 5 до 7 години ќе се видат резултатите, односно ќе се намали популацијата“, рече Ангела Грујовска од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Во Македонија сè уште нема реална проценка колку бездомни кучиња има на улиците. Единствен податок е за Скопје, каде во 2023 година биле евидентирани околу 4.500 бездомни кучиња.

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, рече дека проблемот не може да се реши преку ноќ, но дека се преземаат мерки, меѓу кои отворање прифатилиште и дежурен телефон на кој граѓаните можат да пријавуваат нетретирани кучиња.

Тој посочи дека дополнителен проблем се и таканаречените маалски кучиња, кои граѓани често ги хранат пред згради, објекти, па дури и во јавни претпријатија.

„Во РЕК ‘Битола’ велат на една парцела има 72 кучиња. И тоа е страшна бројка, таму е депонијата Мегленци во близина и може да циркулираат во двата правци“, рече Коњановски.

Тој повторно изрази сомнеж дека постои спрега меѓу „одредени субјекти“ кои, како што тврди, лажно пријавуваат каснувања од улични кучиња за да добијат пари.

Проблемот со бездомните животни останува едно од најчувствителните прашања за општините, бидејќи бара истовремено хуман третман на животните, поголема одговорност од сопствениците, контрола на размножувањето и функционален систем што нема да се сведува само на привремени решенија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс