МВР овозможи плаќање на казни онлајн, засега само за странци

Дигиталниот сервис на МВР засега функционира само за возила со странски регистрациски ознаки, а глобите се подмируваат директно преку мобилен телефон.

Министерството за внатрешни работи ја пушти во употреба мобилната апликација „Безбеден град“, преку која возачите со странски регистрациски таблички можат електронски да ги проверат и да ги платат сообраќајните казни регистрирани во земјава. Новиот дигитален сервис е дел од проектот за автоматизирана контрола на сообраќајот и овозможува брзо подмирување на сите глоби за сторени сообраќајни прекршоци.

Мобилната апликација „Безбеден град“ во оваа првична фаза е наменета за возила регистрирани надвор од земјава. Преку системот, странските државјани и македонските граѓани кои управуваат возила со странски таблички можат со внесување на бројот на регистрацијата и пасошот да добијат увид во евидентираните сообраќајни прекршоци.

Сообраќајните казни се плаќаат онлајн, директно преку апликацијата со помош на банкарска платежна картичка. Системот веднаш ја евидентира уплатата и ја генерира потврдата за подмирен долг кон МВР, со што се избегнуваат дополнителни административни процедури и чекање на шалтери.

Иако апликацијата во моментов покрива само странски регистарски таблички, од МВР најавуваат дека во следната фаза платформата ќе биде достапна и за сите возила со македонски регистрациски ознаки. Ова е дел од поширокиот процес на дигитализација на полициските услуги и целосната имплементација на паметниот систем за контрола на сообраќајот низ градовите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс