„Безбеден град“ ќе казнува и за погрешно паркирање

Една од првите следни фази, како што најави Тошковски, ќе биде и воведувањето на санкционирање за погрешно паркирање

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, изјави дека системот „Безбеден град“ ќе добие значително проширување и во иднина ќе опфаќа поширок спектар на сообраќајни прекршоци.

Според министерот, системот веќе не се ограничува само на детектирање на брзо возење, туку се користи и за утврдување на други видови прекршоци.

„И сега констатираме поголем број на прекршоци. Не е само брзо возење, туку и погрешно престројување, погрешно свртување, поминување на црвено светло“, рече Тошковски.

Тој додаде дека следниот период е предвидено системот дополнително да се унапреди, со што автоматски ќе се прошири листата на прекршоци што ќе можат да се регистрираат.

Една од првите следни фази, како што најави, ќе биде и воведувањето на санкционирање за погрешно паркирање.

„Во делот на погрешно паркирање, тоа ќе е една од првите фази кои ќе бидат имплементирани“, изјави министерот.

Тошковски појасни дека во целиот процес ќе бидат вклучени повеќе институции, со цел системот да се имплементира прецизно и без неправилности во казнувањето на граѓаните.

Дополително, тој најави и построги контроли и казни и за оние кои непрописно возат мотоцикли.

е-Трн да боцка во твојот инбокс