Министерството за внатрешни работи воведе нов Кодекс за облекување кој ќе важи и за вработените и за граѓаните што ги посетуваат просториите на Одделот за граѓански работи. Од Министерство за внатрешни работи информираат дека целта на новите правила е зачувување на професионалниот стандард, достоинството на институцијата и создавање соодветна атмосфера во службите каде граѓаните вадат лични карти, пасоши и други документи.
„Како институција која е постојан сервис на граѓаните, веруваме дека соодветното облекување придонесува кон подобра работна атмосфера и почитување на државните институции“, наведуваат од Министерството.
Според новиот кодекс, како несоодветна ќе се смета премногу кратка или тесна облека, куси панталони за плажа или спорт, како и облека што прекумерно ги открива стомакот, градите или долната облека. Дополнително, МВР посочува дека нема да бидат дозволени тренерки, облека наменета исклучиво за спортски активности, како и парчиња облека со навредлива содржина.
Под забрана се и одредени видови обувки, меѓу кои папучи, влечки, апостолки, кломпи и налани. Од Министерството апелираат граѓаните при посета на институциите да водат сметка нивниот изглед да биде во согласност со општоприфатените норми за јавни установи. Истовремено, кодексот ќе важи и за сите вработени во Одделот за граѓански работи, кои ќе мора доследно да ги почитуваат правилата за професионално облекување.
„Соодветниот изглед придонесува кон професионална атмосфера и почитување на институциите“, додаваат од МВР.