Бесплатен влез, светски ѕвезди и стејџ во чест на Панчо: „Д Фестивал“ го претстави најамбициозното издание досега

Од 26 до 28 јуни Штип ќе биде домаќин на 16. издание на „Д Фестивал“ со повеќе од 80 артисти на пет сцени, бесплатен влез за целата програма, настапи на Борис Брејча, Idles и DJ Premier, како и специјален стејџ посветен на Владимир Блажев – Панчо.

Штип од 26 до 28 јуни повторно ќе стане центар на музиката, уметноста и фестивалската култура. Организаторите на „Д Фестивал“ на прес-конференција одржана во природниот амбиент покрај реката Брегалница ја претставија програмата за 16. издание на фестивалот, кое по вторпат ќе се одржи во градот под Исарот.

Најавите ветуваат најбогата програма досега: повеќе од 80 домашни, регионални и светски артисти ќе настапат на пет фестивалски сцени, а најголемото изненадување е што целата музичка и културна програма ќе биде бесплатна за посетителите. Ќе се наплаќа единствено кампувањето во фестивалскиот простор.

Прес-конференцијата ја отвори Катерина од продукција „Пасворд“, која истакна дека годинава фестивалот ќе се реализира во својот полн капацитет, со сите препознатливи дополнителни содржини, камп активности и алтернативни програми што го прават „Д Фестивал“ повеќе од музички настан.

Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, оцени дека фестивалот претставува значајно културно и економско освежување за целиот Источен регион, нагласувајќи дека во текот на трите фестивалски дена градот ќе прими илјадници посетители од земјата и странство. Во име на организаторите се обрати Огнен Стојаноски од продукција „Пасворд“, кој објасни дека концептот на фестивалот е инспириран од големите европски фестивали како Glastonbury Festival, Pohoda Festival и Sziget Festival.

„Д Фестивал“ годинава не е само музичка програма, туку 72-часовно доживување кое ги обединува различните форми на современа уметност, култура и заедништво, порача Стојаноски.

Еден од најемотивните моменти на најавата беше откривањето на сцената „Shorty P Stage“, која ќе го носи името на неодамна починатиот музичар и диџеј Владимир Блажев – Панчо. Музичката програма ја предводат германската електронска ѕвезда Boris Brejcha, британската рок атракција Idles и германските треш-метал ветерани Destruction. На фестивалот ќе настапат и бројни регионални имиња, меѓу кои Јура Стублиќ и Филм, Констракта, Марко Настиќ, Coi Coi и мексиканската група Sonoro Pepera.

Македонската сцена ќе биде претставена преку Дупер, Телемама, Хајка, Кем, како и штипскиот уметник Nikarth.

Посебно внимание привлече најавата за фестивалското отворање, кога македонската хип-хоп легенда Гоце САФ ќе настапи заедно со Страјк, кој премиерно ќе го претстави својот нов албум пред фестивалската публика. Вечерта ќе кулминира со настап на легендарниот американски продуцент и диџеј DJ Premier, едно од највлијателните имиња во светската хип-хоп историја. Организаторите порачаа дека фестивалот останува посветен на одржливоста, едукацијата и грижата за животната средина, со амбиција да остави долгорочно позитивно влијание врз заедницата.

Како дополнителна атракција, во фестивалскиот камп ќе бидат поставени големи екрани за следење на натпреварите од Светското првенство во фудбал, овозможувајќи им на посетителите да ги комбинираат спортските возбудувања со фестивалската атмосфера. Шеснаесеттото издание на „Д Фестивал“ ќе се одржи од 26 до 28 јуни на просторот кај Градскиот стадион и камп зоната во Штип, а организаторите очекуваат рекорден број посетители благодарение на бесплатниот влез и најбогатата програма во историјата на фестивалот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс