Британскиот милијардер и поранешен прв човек на Формула 1, Берни Еклстон, е уапсен на аеродромот „Тирес“ во близина на Лисабон откако локалната полиција открила сачмарка во неговиот приватен авион. Деведесет и петгодишниот бизнисмен бил приведен веднаш по слетувањето во португалската општина Каскаиш за време на рутинска полициска контрола.
Припадниците на португалската полиција (PSP) го запреле Еклстон на аеродромот „Тирес“ веднаш по слетувањето. Инспекцијата открила огнено оружје кое локалните медиуми го опишуваат како сачмарка. Инцидентот се случил при редовна безбедносна контрола на приватни летови, по што полициските службеници веднаш го привеле британскиот магнат поради непоседување соодветна дозвола за оружјето.
Ова не е првпат Еклстон да се соочи со апсење поради оружје на аеродромска писта. Во мај 2022 година, бразилската полиција го уапси на аеродромот во Кампинас додека се качуваше во приватен авион за Швајцарија. Тогаш полицијата пронајде пиштол во неговиот багаж.
Еклстон призна дека оружјето е негово, но тврдеше дека не знаел како пиштолот завршил меѓу куферите. По плаќање на кауција, бразилските власти му дозволија да ја напушти земјата. Подоцна јавно го минимизираше случајот и го нарече глупав и ситен инцидент што непотребно му создал проблеми.