Неповторливите Бени & Нон Стоп на 13 септември во 21 часот во Gourmet Avenue во „Дајмонд Мол“ најавуваат концертен музички спектакл. “По навика”, “Ај ма пиши ми”, “Скриена во сонот” се само дел од омилените хитови посетителите ќе можат да ги слушнат.
Нон-Стоп e музичка група која е формирана од Арбен Шаќири и Дарко Тасев. Овие двајца музичари ја започнале својата соработка во лето 2000 година во студиото „Ентерпрајз“ на Валентино Скендеровски, реализирајќи ја темата „Без мудрости“, со која на 12 октомври дебитираа на Макфест 2000. По успехот на Макфест, Нон-Стоп, како најдобри дебитанти таа година, ја визуелизирале нивната деби-песна „Без мудрости“, која една година подоцна, на истата музичка смотра е прогласена за најслушана песна меѓу два фестивала.
Нивното деби-остварување Суперстар, кое е работено од ноември 2001 до јуни 2002 година се најде во продажба на 21 јуни 2002 година, и кое предизвика одлични реакции кај публиката. Суперстар, инаку, содржеше 11 песни, од кои четири стари („Без мудрости“, „Сам“, „Човек – ѕвер“ и „Голем одмор“, која со Ева ја исполнија на детскиот фестивал Супер ѕвезда) и седум нови песни, од кои „По навика„ (текст на Тоше Поп Симонов) веднаш стана голем хит, иако спотот за неа, со задоцнување, премиерно беше емитуван дури во септември. Меѓу гостите на албумот се појавија: Мики Јовановски – Џафер, Олгица Христовска, Васко Тодоров (Тошо Малерот од К-15), Тоше Поп Симонов, Венко Серафимовски, Дарко Мучев, Ева Скендеровска и голем број други музичари. Како автори на материјалот се јавуваат Арбен Шаќири, Валентино Скендеровски и Дарко Тасев, а во улога на текстописци се: Весна Малинова, Тоше Поп Симонов и Венко Серафимоваски.
Паралелно со овој албум Шаќири со екипа на свои музички пријатели, (Валентино Скендеровски, Димитар Кочев, Дарко Тасев, Горан Станковиќ – Црни, Влатко Икономов – Хистер и Марија Костова) работеше на мултиетничкото цеде, симболично насловено Multivitamine music projekt, на кое се најдоа дванаесет нови песни (специјално направени за ваква, многуетничка намена) – по две на јазиците на кои се зборува во Македонија.