Федералната влада на Белгија започна национална кампања со јасна порака до граѓаните да бидат подготвени за кризни ситуации и да можат самостојно да се справат најмалку 72 часа. Иницијативата е дел од четиригодишен план на Националниот кризен центар, кој има цел да ја зајакне отпорноста на општеството во услови на растечки геополитички тензии и природни катастрофи.
Кризите можат да дојдат во секое време
Властите предупредуваат дека вонредни ситуации како прекин на струја, интернет или други клучни услуги – можат да се случат „секаде и во секое време“. Затоа, фокусот е ставен на подигање на свеста и поттикнување на граѓаните да преземат активна улога во сопствената безбедност.
Првата фаза од кампањата е насочена кон обезбедување точни и проверени информации во време на криза. Граѓаните се повикуваат да се приклучат на системот за алармирање BE-Alert и да ги следат официјалните канали, со цел да се избегне ширење паника и лажни вести.
Министерот за внатрешни работи, Бернар Квинтен, нагласи дека ризиците од војни и природни катастрофи се зголемени, но дека целта не е страв, туку подготвеност.
„Да се биде подготвен е заедничка одговорност“, порача тој.
Што треба да содржи итниот пакет
Владата препорачува секое домаќинство да подготви комплет за итни случаи со залихи за три дена.
Тој треба да вклучува: вода и нерасиплива храна, основни лекови и прва помош, батериска ламба и батерии, готовина и хигиенски производи. Дополнително, се советува да се подготви и „евакуациска торба“ со најнеопходните работи – документи, полначи, храна и вода – за брзо напуштање на домот ако е потребно.
Подготовка и за најлоши сценарија
Кампањата ќе се проширува и ќе опфаќа различни ризици, вклучително и нуклеарни инциденти. Во процесот ќе бидат вклучени и локалните власти, со цел препораките да бидат прилагодени на реалниот живот и секојдневните потреби на граѓаните. Белгискиот пристап ја одразува пошироката европска тенденција граѓаните да станат прва линија на одбрана во кризни ситуации.
Со подобра подготвеност на населението, институциите ќе можат да се фокусираат на најранливите, додека општеството како целина станува поотпорно на шокови.