Белата куќа ги отфрли тврдењата дека Иран планира напади со дронови врз западниот брег на Соединетите Американски Држави и побара телевизијата ABC News веднаш да ја повлече објавената вест.
Реакцијата доаѓа откако ABC News објави дека Федералното истражно биро (FBI) ги предупредило полициските управи во Калифорнија за можен ирански одговор поради американско-израелските напади врз Иран.
Според тој извештај, Иран наводно би можел да се обиде да изведе напади со дронови на западниот брег на САД.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, остро ги демантираше овие тврдења и порача дека таква закана не постои.
„Оваа објава и целата приказна треба веднаш да бидат повлечени, бидејќи ABC News шири лажни информации со цел намерно да ја вознемири американската јавност“, напиша Ливит.
Таа додаде дека текстот се темели на една електронска порака испратена до локалните полициски служби во Калифорнија, која се однесувала на непотврден разузнавачки сигнал.
„Во таа порака јасно стои дека станува збор за непотврдени разузнавачки податоци, но ABC News го изостави тој клучен детал од својата приказна. Зошто?“, напиша Ливит.
Таа нагласи дека не постои никаква закана за американската територија.
„Да биде сосема јасно: никаква закана од Иран кон нашата територија не постои и никогаш не постоела“, порача портпаролката на Белата куќа.