Над 1.800 семејства побараа државно ин витро

По законските измени со кои фондот покрива двојно повеќе обиди, 237 парови аплицирале за четврта, петта или шеста постапка.

Вкупно 1.883 барања за биомедицинско потпомогнато оплодување разгледал Фондот за здравствено осигурување во период од една година. Ова следува откако бројот на обиди на товар на државата се зголеми од три на шест. Податоците на институцијата покажуваат дека дополнителната шанса не остана само на хартија: дури 237 барања за ин витро се поднесени токму за четврти, петти или шести обид, можност што претходно семејствата мораа целосно сами да ја плаќаат.

Од 7 август минатата година до 20 август годинава, Фондот регистрирал зголемен притисок за продолжување на постапките кај паровите што не успеале во првите три обиди. Анализата на пристигнатите документи покажува дека 216 семејства аплицирале за четврти обид, 17 барања пристигнале за петти, додека четири двојки стигнале до максималниот, шести обид финансиран од државата.

Овие 237 предмети претставуваат точно 12,6 проценти од вкупниот број разгледани барања во едногодишниот период. Според надлежните, станува збор за семејства кај кои претходно завршувала системската поддршка, па продолжувањето на борбата за потомство зависело исклучиво од нивните лични финансиски можности.

Паралелно со зголемениот број ваучери, институцијата спроведе административни измени за олеснување на пристапот до постапката. Воведено е електронско известување за одобреното право, со што осигурениците одат директно во болниците без претходно да вадат упат од матичен гинеколог. Рокот за поднесување приговор по евентуално одбивање е удвоен, од претходните осум на 15 дена.

За постапките спроведени во осум специјализирани здравствени установи со кои државата има договор, лани биле исплатени нешто повеќе од 97,3 милиони денари.

Од Фондот посочуваат дека во услови на негативни демографски трендови, намален наталитет и континуирано стареење на населението, здравствениот систем има директна должност да отстрани барем дел од материјалните пречки.

„Здравствениот систем сам не може да ги промени демографските текови, но може да направи нешто многу конкретно – да обезбеди повеќе можности и финансиската пречка да не биде причината поради која едно семејство ќе мора прерано да се откаже од обидот за потомство. Токму во тоа е суштината на зголемувањето од три на шест БПО обиди“, соопштија од Фондот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс