Бали воведе построги визни правила: Инфлуенсерите може да се соочат со депортација

Индонезија воведе построги визни правила за туристите. Инфлуенсерите и креаторите на содржина кои заработуваат од објави на Бали може да се соочат со казни, депортација и забрана за влез.

Индонезија ги заостри правилата за туристичките визи, а новите мерки особено ќе ги погодат инфлуенсерите, креаторите на дигитална содржина и дигиталните номади кои престојуваат на Бали. Властите предупредуваат дека секое создавање или објавување содржина со комерцијална цел може да се смета за прекршување на условите за туристички престој.

Според новите правила, за работа не се смета само класичното вработување, туку и активности што носат финансиска или друга корист, како спонзорства, рекламирање производи, платени соработки или добивање бесплатен сместувај во замена за промоција. Дури и ако содржината биде објавена по напуштањето на Индонезија, властите можат да оценат дека е создадена за време на престојот и да покренат постапка.

Во изминатите месеци индонезиските институции го засилија надзорот, особено на Бали, каде што редовно ги следат активностите на странските државјани и нивните профили на социјалните мрежи. Поради прекршување на визниот режим веќе се приведени десетици лица.

За прекршителите се предвидени парични казни, депортација и можност за трајна забрана за влез во Индонезија. Надлежните институции нагласуваат дека мерките не се насочени против туристите, туку против оние кои туристичката виза ја користат за вршење комерцијални активности.

Пораката до сите инфлуенсери и креатори на содржина е пред патувањето внимателно да проверат дали визата што ја поседуваат им дозволува активности поврзани со снимање, рекламирање или деловна соработка за време на престојот во земјата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс