Јужнокорејското момче Парк Гун-рјонг, коешто се прослави во планетарно популарниот детски видеоспот за песната „Baby Shark“, денес е 17-годишен тинејџер и започнува сопствена професионална музичка кариера. Видеото објавено во 2016 година во меѓувреме надмина 17 милијарди прегледи на Јутјуб, постанувајќи најгледаната содржина во историјата на платформата. Сега, десет години подоцна, тој се враќа на музичката сцена со уметничкото име Baby Shark Boy и подготвува нов соло-проект.
Парк Гун-рјонг имаше само шест години кога ги изведе едноставите танцови чекори во видеото што го произведе компанијата Pinkfong. Песната за семејството ајкули стана глобален феномен благодарение на ритмичката повторливост и лесната кореографија што ја пееја милиони деца и нивните родители ширум светот.
Денес, како тинејџер, тој влегува во музичките води со дебитантскиот сингл насловен „WAVE“. За овој проект повторно соработува со матичната компанија Pinkfong, но овојпат во партнерство со Џухони, познатиот член на K-pop групата Monsta X. Спотот за новата песна вклучува сцени од неговото секојдневие, каде што тој игра кошарка и танцува со своите врстници.
Младиот изведувач истакнува дека главната цел му е да се претстави пред публиката со сопствен авторотски глас и да излезе од рамките на детскиот лик по којшто го препознава светот. Во изјава за јужнокорејските медиуми, тој посочи дека е благодарен за популарноста што му ја донел детскиот проект, но дека е подготвен да сподели приказни што самиот ги напишал.
Неговата популарност веќе се префрла и на социјалните мрежи, каде што на Инстаграм го следат повеќе од 161.000 луѓе. Компанијата Pinkfong соопшти дека понатамошниот развој на овој бренд и проект ќе зависи од приемот на првиот сингл, нагласувајќи дека фокусот е ставен врз автентичното претставување на неговиот нов почеток.