Автобус што превезувал ученици од Германија рано утринава доживеа тешка сообраќајна несреќа на истокот на Холандија, при што најмалку осум лица се повредени и итно пренесени во болница. Според соопштението на холандската полиција, неколкумина од хоспитализираните се здобиле со тешки телесни повреди, додека поголем број патници поминале со полесни гребнатини и уплах.
Несреќата се случила околу 4 часот наутро во близина на местото Везeп, приближно 100 километри источно од Амстердам. Според првичните полициски извештаи, во автобусот се наоѓале повеќе од 50 лица – главно средношколци од Германија.
Автобусот се судрил со комбе за достава под сè уште неразјаснети околности. Меѓу тешко повредените лица кои веднаш биле згрижени во најблиските медицински центри е и возачот на комбето.
Полициската управа на покраината Гелдерланд преку официјално соопштение потврди дека увидот на терен траел со часови, што предизвикало целосен прекин на сообраќајот на фреквентната делница:
„Неколку лица се со тешки телесни повреди и се хоспитализирани. Службите за итна помош реагираа брзо и сите патници се евакуирани од местото на настанот.“
Поради расчистување на патот и детална полициска истрага за причините за судирот, сообраќајот на автопатот А28 бил целосно запрен во двата правци, а локалните власти воведоа привремени пренасочувања.
Холандските истражни органи работат на утврдување на точната причина за несреќата – дали станува збор за технички дефект, неприлагодена брзина или замор кај возачите. Германските дипломатски претставништва и училиштата се во директен контакт со холандските власти за организирање на безбедно враќање на останатите ученици дома.