Австриската амбасада го донесе евровизискиот дух во Скопје пред финалето во Виена

Десет натпреварувачи настапија на караоке сцена во Roosty, на вечер посветена на Евровизија 2026 и мотото „United by Music“.

Десет натпреварувачи вчера ги измерија силите на караоке сцена во Roosty во Скопје, каде Австриската амбасада организираше локален Eurovision Warm-Up настан во пресрет на големото финале на Евровизија 2026 во Виена.

Настанот беше посветен на евровизискиот дух и мотото „United by Music“, а ги собра фановите на Евровизија, претставници на дипломатската заедница, партнерски организации, компании, јавни личности и поранешни евровизиски претставници од Северна Македонија.

Вечерта помина со DJ сет, избор на легендарни евровизиски песни и настапи, интерактивен квиз и караоке натпревар, кој беше главен момент на програмата. Натпреварувачите настапија пред жири составено од австрискиот амбасадор Мартин Памер, шведскиот амбасадор Ола Солстром, пејачката Елена Ристеска и Ана Азеска од OGAE Македонија.

Настанот го водеше поранешната македонска евровизиска претставничка Јана Бурческа, а наградите за учесниците беа обезбедени од Roosty, EVN, Реплек, Националната опера и балет, како и од Австриската и Шведската амбасада.

Австрија годинава е домаќин на Евровизија 2026, откако пејачот JJ победи на минатогодишното издание. Евровизиската недела во Виена ќе кулминира со големото финале на 16 мај, а скопскиот настан беше замислен како локално загревање за фановите пред финалната вечер.

е-Трн да боцка во твојот инбокс