Златна G-класа од Mansory: ремек-дело или претерано луксузен автомобил?

Mansory претстави мат златна верзија на Mercedes-AMG G 63 со 720 коњски сили, луксузна беж внатрешност и екстравагантни детали.

Ако целта била да се направи автомобил што никој нема да може да го игнорира, Mansory повторно успеа. Германскиот тјунер претстави нова преработка на Mercedes-AMG G 63, овојпат во мат златно издание што привлекува погледи каде и да се појави.

Златото традиционално се поврзува со богатство, престиж и моќ, но оваа G-класа веројатно ќе предизвика поделени реакции. За едни ќе биде врв на автомобилскиот луксуз, за други претеран пример на скап кич.

Иако на автомобилот нема вистинско злато, Mansory речиси секој надворешен панел го обои во мат златна нијанса. Новата предна маска, дополнителните отвори за воздух, предниот спојлер и агресивно обликуваната хауба му даваат целосно редизајниран и уште подоминантен изглед.

На страничниот дел се издвојуваат проширените калници, новите прагови и специјално дизајнираните завршетоци на издувниот систем. Целата слика ја заокружуваат новите фелни, исто така во мат златна боја, за целосно да се вклопат со каросеријата.

За разлика од екстремно впечатливата надворешност, внатрешноста е нешто посмирена од некои претходни проекти на Mansory. Кабината е обложена со квалитетна кожа во елегантна беж нијанса, што му дава луксузен и порафиниран изглед на просторот.

Сепак, Mansory не би бил Mansory без неколку екстравагантни детали. Во таванот е вградено LED осветлување што имитира ѕвездено небо, делови од вратите се осветлени и украсени со декоративни шевови, а еден од најнеобичните детали е копчето за стартување на моторот, кое е преместено на облогата на покривот.

Промени има и под хаубата. Mercedes-AMG G 63 и во сериска изведба нуди импресивни перформанси, но Mansory го засили 4.0-литарскиот twin-turbo V8 мотор, кој сега развива 720 коњски сили и 1.000 Nm вртежен момент. Токму затоа оваа верзија ја носи ознаката P720.

Дали златниот G-Wagen ќе биде прогласен за врв на луксузот или за еден од најконтроверзните проекти на Mansory, зависи од вкусот на набљудувачот. Но едно е сигурно: ретко кој ќе остане рамнодушен кога ќе го види на улица.

е-Трн да боцка во твојот инбокс