Големиот астероид Апофис, именуван по древноегипетскиот бог на хаосот и темнината, ќе помине во непосредна близина на Земјата на 13 април 2029 година, соопшти НАСА. Иако станува збор за таканаречен „потенцијално опасен астероид“, научниците уверуваат дека нема никаков ризик од судир со нашата планета најмалку во следните 100 години.
Ќе биде видлив со голо око
Според податоците, Апофис ќе помине на оддалеченост од околу 32.000 километри од Земјата – поблиску од многу сателити што орбитираат околу планетата. Тоа значи дека ќе може да се набљудува и без телескоп, особено од источната хемисфера.
Од НАСА нагласуваат дека ваков настан е исклучително редок.
„Веројатно вакво приближување не се случило во забележаната човечка историја“, наведуваат од агенцијата.
Голем како Ајфеловата кула
Астероидот е долг околу 450 метри, приближно колку Ајфелова кула. Тој потекнува од главниот астероиден појас меѓу Марс и Јупитер и се формирал пред околу 4,6 милијарди години, во раните фази на Сончевиот систем.
Со текот на времето, неговата орбита се менувала под влијание на гравитацијата на големите планети, што довело до тоа денес да се движи поблиску до Земјата.
Меѓународно следење
Европска вселенска агенција планира да испрати летало кое ќе го следи астероидот за време на неговото приближување, додека НАСА веќе ја пренасочи својата мисија OSIRIS-REx за дополнително истражување.
Апофис бил откриен во 2004 година од астрономите Рој Такер, Дејвид Толен и Фабрицио Бернарди во опсерваторијата Кит Пик во Аризона.
Името го добил по египетското божество на уништувањето, што, според научниците, било „соодветно“ за објект кој некогаш се сметал за потенцијална закана. Иако денес ризикот е исклучен, приближувањето на Апофис ќе претставува редок научен и визуелен спектакл, можност човештвото одблиску да набљудува космички објект од оваа големина.