Како функционираат институциите во културата, колкава е нивната општествена одговорност и кои односи го обликуваат современото културно поле? Овие прашања ќе бидат во фокусот на годишниот симпозиум на Македонската секција на Меѓународното здружение на ликовни критичари – АИКА Македонија, кој ќе се одржи на 27 ноември 2026 година, петок, со почеток во 13 часот, во Чифте амам во Скопје. Овогодинешниот симпозиум е насловен „Архитектура на институционалното“ и е посветен на критичкото преиспитување на функционирањето на културните институции, нивната општествена улога и одговорност, како и на структурните, професионалните и културно-политичките односи што го обликуваат современото културно поле.
Во фокусот на дискусијата ќе бидат актуелните институционални практики, професионалните стандарди и критериуми, механизмите на управување и одлучување, институционалната автономија, стручноста, професионалната етика, колегијалноста и солидарноста. Симпозиумот ќе отвори и пошироки прашања за културната политика и стратешкото планирање, односите меѓу институциите и независниот културен сектор, како и можностите за соработка, размена на знаења и користење на јавните културни ресурси.
Иницијаторки на темата и воведни говорнички на симпозиумот се Викторија Васева Димеска, Натали Рајчиновска Павлеска и Ана Франговска. Настанот е замислен како отворена платформа за аргументиран дијалог, размена на професионални искуства и изнесување различни критички позиции. Покрај согледувањето на актуелните состојби и предизвици, целта е да се поттикне конструктивна дискусија за можностите за унапредување на институционалните и професионалните практики.
Со годишниот симпозиум, АИКА Македонија ја продолжува својата заложба за афирмирање на критичката мисла, зајакнување на професионалниот дијалог и активно учество во дебатите за развојот на културата и културните политики во земјата.
