Археолозите пронајдоа траги од првите жители на Америка

Археолозите на Алјаска открија остатоци од древно живеалиште старо околу 13.800 години, што би можело да биде најраниот досега познат доказ за ваков тип населување во Северна Америка.

Откритието е направено на локалитетот Шег Ксдалтхи, на околу 55 километри југоисточно од Фербанкс. Истражувачите пронашле илјадници артефакти, камени алатки, коскени игли и остатоци од огништа, кои откриваат детали од секојдневниот живот на луѓето во периодот по последното ледено доба на територијата на Америка.

Особено значајни се трагите од конструкција што најверојатно служела како привремено живеалиште или едноставен шатор. Пронајдените остатоци укажуваат дека луѓето не го користеле просторот само за кратки ловечки престои, туку можеби имале организирано место за живеење и подготовка на храна.

Археолозите откриле и подземна печка со јаглен и животински коски, што најверојатно се користела за бавно готвење месо. Дополнителен интерес предизвикале животинските остатоци, меѓу кои можеби има и рани докази за припитомени кучиња во Америка.

Откритието е важно за разбирањето на миграциите преку Берингија, некогашниот копнен простор што ги поврзувал Азија и Северна Америка.


Научниците сметаат дека локалитетот може да помогне во реконструкцијата на животот на првите човечки заедници кои се населувале на американскиот континент. Секој пронајден предмет е нов дел од сложувалката за едно далечно минато, кога преживувањето зависело од природата, вештините и заедништвото.

е-Трн да боцка во твојот инбокс