Тирана не се смирува -студентскиот гнев прерасна во судири

Тирана влегува во нова фаза на политичка и социјална напнатост.

Тирана влегува во нова фаза на политичка и социјална напнатост. Според албанската државна полиција, по насилните протести во повеќе градови, само во Тирана биле уапсени 127 лица, а против уште 244 лица била поведена постапка на слобода поради напади врз полицијата, уништување јавен и приватен имот и оштетување банкомати, камери, возила и метални огради.

Протестниот бран не остана само во главниот град. Полицијата објави дека во Драч биле уапсени уште 23 лица, во Корча 2, а во повеќе други градови биле поведени постапки против десетици учесници. Во истото соопштение се наведува и дека досега биле повредени 120 полициски службеници во Тирана, Драч, Лежа, Скадар и Кукс.

Целата ситуација доби дополнителна тежина откако албанската полиција соопшти дека отворила проверки по објавена снимка на 19-годишник повреден во ногата, а директорот на полицијата наредил итна суспензија на четворица полицајци и на началникот за јавен ред во полициската станица бр. 1. Во случајот е вклучена и полициската агенција за надзор, во соработка со обвинителството.


Она што почна како протест, сè повеќе наликува на поширок судир меѓу гневната млада генерација, институциите и полицијата. Кога студентскиот бунт ќе се спои со незадоволство од стандардот, образованието и чувството дека системот не слуша, улицата станува главна сцена. А токму тоа деновиве се гледа во Тирана.

е-Трн да боцка во твојот инбокс