Дали мускулите се претвораат во масти кога ќе престанеме да вежбаме?

Еден од најчестите митови поврзани со физичката активност е дека мускулите се претвораат во масти кога човек ќе престане да оди во фитнес-сала. Но, науката има сосема поинакво објаснување.
Фото: Freepik

Професорот Ли Брин, експерт за физиологија на мускулите на Универзитетот во Лестер, за британски „Гардијан“ објаснува дека мускулното и масното ткиво се две различни структури, кои не можат едноставно да се претворат една во друга.

Кога престануваме со редовно вежбање, мускулите постепено може да ја губат масата, особено ако подолг период немаме доволно физичка активност.

Истовремено, ако продолжиме да внесуваме исто количество калории, а трошиме помалку енергија, може да дојде до зголемување на масното ткиво.

Токму овие две промени создаваат впечаток дека мускулите се претвориле во масти.

Добрата вест е дека кратките паузи од тренинг не мора значително да влијаат врз мускулната маса, особено ако продолжиме да се движиме.

За одржување на мускулите важни се редовната активност, соодветната исхрана и доволниот внес на протеини.

Затоа, наместо страв дека неколку недели без тренинг ќе го уништат постигнатиот резултат, поважно е да се размислува долгорочно.


Континуитетот во здравите навики има поголемо значење од совршено испланираната недела во фитнес-сала.

е-Трн да боцка во твојот инбокс