Red Bull спортистот Arda Saatçi успешно го заврши екстремниот ultrarun предизвик од Death Valley до пристаништето Santa Monica во Лос Анџелес, истрчувајќи 604,6 километри за 123 часа и 21 минута. Рутата го водеше низ едни од најсуровите услови за трчање во светот, од пустински предели и изолирани патишта, до делници од легендарната Route 66 и урбаните делови на Лос Анџелес.
Иако првичната цел била предизвикот да се заврши за 96 часа, трката прерасна во глобален настан што во живо го следеа илјадници луѓе, додека милиони се приклучуваа на преносите преку социјалните мрежи. „Успеавме. Толку многу луѓе беа дел од ова, навистина е неверојатно“, изјави Saatçi по завршувањето.
Дваесет и осумгодишниот спортист од Берлин стартуваше на 5 мај од Badwater Basin во Death Valley, најниската точка во САД, која се наоѓа 85,5 метри под морското ниво. Пет дена подоцна, на 10 мај, стигна до брегот на Тихиот Океан, на пристаништето Santa Monica. Поради свлечиште на дел од рутата, тој истрча 4,6 километри повеќе од планираното, со вкупен висински подем од околу 6.000 метри, што е еквивалент на повеќе од 14 маратони за пет дена.
Условите биле екстремни и за најискусните ултрамаратонци. Температурите се искачувале речиси до 40 степени, асфалтот се загревал и до 60 степени, а влажноста на воздухот се движела меѓу 10 и 20 проценти. Во такви услови Saatçi губел и до 1,5 литри течност на час, а за време на целиот предизвик неговото тело потрошило околу 75.000 калории.
Најтешкиот момент дошол на третиот ден, по околу 320 километри и 61 час речиси без сон, кога халуцинациите го принудиле да направи подолга пауза. По медицински преглед, му било препорачано да спие, па по 90 минути одмор повторно се вратил на рутата. „300 километри се чувствуваа како 3.000“, изјави тој за време на трката.
Овој предизвик е дел од неговиот проект „Cyborg Season“, серија екстремни трки на долги дистанци. Претходно, во 2024 година, Saatçi трчаше од Берлин до Њујорк во должина од 3.000 километри, а во 2025 година ја помина Јапонија со еквивалент на 72 маратони за 43 дена.
„Навистина ми значи што преку овој предизвик можам да им дадам нешто на луѓето. На крајот, ова никогаш не беше само за мене“, порача Saatçi.