Арапски јавачи, крстоносци, витези – нивните игри го создале рингишпилот

Рингишпилот е веројатно една од најпопуларните атракции на карневалите, која го привлекува вниманието на сите возрасти. Веројатно сите некогаш во животот сме седнале на рингишпил, но дали сте размислиле какво е неговото потекло?

Играта, која е „предок“ на денешниот рингишпил потекнува од 12 век. Вежбата ја практикувале турските и арпаските јавачи кои фрлале кршливи глинени топчиња полни со парфем кон своите противници додека јавале врзани за столб, во круг. Кој и да бил погоден, значи дека изгубил и мирисал на парфем се до следното капење. Ваквата игра била нарекувана „мала војна“.

Оваа игра од 12 век во Европа дошла со Крстоносците, а до 17 век тотално го изменила својот изглед. Во подоцнежните верзии на играта витезите јавајќи коњ со своето копје требало да „уловат“ прстен кој висел помеѓу два столба. Французите го подобриле и овој вид на тренинзи со тоа што измислиле уред со кој учесниците би се подготвувале за разни натпревари. Овој уред наликувал на денешната замисла за рингишип. За да се подготват за натпреварите, изработена била конструкција составена од дрвени коњи без нозе кои со шипки биле поврзани со централна ротирачка греда. Некогаш уредот го вртеле луѓе, понекогаш коњи, а јавачите на дрвените коњи, развивале вештини како што е борба со копје.

Ваквите направи освен за тренинг на витезите, станале популарни и кај децата и жените, па производителите започнале да произведуваат и вртелешки за забава. Првите рингишпили биле „напојувани“ од луѓе, што би значело дека едно лице ја врти целата конструкција користејќи само лост или јаже, а некои сепак користеле животни. Првичните верзии од рингишпилот биле ризични, бидејќи коњите или другите дрвени животни кои биле креирани, не биле прицврстени на подлогата, туку виселе врзани со синџири.  Како што машината ја зголемувала брзината, центрифугалната сила на коњите често предизвикувала јавачите да летаат нанадвор. Иако не се движеле толку брзо како рингишпилите што ги знаеме денес, сепак силата била доволна да ги одвлече луѓето. Поради тоа, рингишпилите станале познати како „летечки коњи“.

Во 19 век, европските вртелешки беа редизајнирани за да имаат платформи со фигури фиксирани на основата – истиот концепт што го знаеме и по кој се возиме денес. Во 1803 година, Џон Мерлин бил првиот што свирел музика додека луѓето се возеле на неговиот рингишпил во Лондон. Неговиот посебен рингишпил се наоѓал во музеј, каде што се возеле само благородниците. Коњите галопирале на музика, создавајќи ноќ полна со забава. Сепак, тој не ја патентирал својата идеја. Во подоцнежните години, неговата идеја да се свири музика додека луѓето се возат на рингишпил станала навистина попопуларна.

Првиот рингишпил на пареа го измислил Томас Бредшо во 1861 година и го претставил на саемот Ајлшам. Тој го патентирал дизајнот во 1863 година, започнувајќи да произведува рингишпили на пареа за саеми и забавни паркови.

Популарноста на вртелешките продолжила да се шири во 1880-тите, благодарение на Индустриската револуција. Забавните паркови станале профитабилна инвестиција бидејќи луѓето почнале да се преселуваат во градовите и надвор од руралните области.

е-Трн да боцка во твојот инбокс