Апсолутна доминација: ChatGPT оствари повеќе посети од целата конкуренција заедно

Популарниот четбот ChatGPT задржа убедливо прво место меѓу најпосетуваните светски алати базирани на вештачка интелигенција. Најновите податоци покажуваат дека платформaта на OpenAI има речиси петпати повеќе посети од второпласираниот Google Gemini.

Според податоците од аналитичкиот портал aitools.xyz, во периодот до 20 август, ChatGPT забележал импресивни 5,32 милијарди посети. Со тоа, овој алат остварил повеќе посети отколку сите останати конкурентни платформи на топ-листата заедно.

На второто место се наоѓа Google Gemini со 1,14 милијарди посети во истиот временски рамка, додека третото место му припадна на Claude со 968 милиони посети. По нив следува популарната дизајнерска платформа Canva со 760 милиони, Google Translate со 343 милиони и кинескиот модел DeepSeek со 319 милиони посети.

Понатаму на ранг-листата се наоѓаат Grok со 190 милиони, JanitorAI со 173 милиони и Character AI со 165 милиони посети.

Огромната разлика меѓу ChatGPT и останатите ривали ја потврдува доминантната позиција на OpenAI, но и застрашувачките размери на секојдневната употреба на вештачката интелигенција. Овие генеративни алати одамна веќе не се наменети само за технолошки експерти, туку масовно се користат за пребарување, анализа на информации, пишување, преведување, програмирање, учење и креирање визуелни содржини.

Сепак, аналитичарите напоменуваат дека овие податоци треба да се толкуваат како проценка за вкупната посетеност на сајтовите, а не како точен број на поединечни корисници. Дополнително, во статистиката се вклучени и платформи како Canva и Google Translate, чиј вкупен сообраќај не се должи исклучиво на нивните AI функции.

е-Трн да боцка во твојот инбокс