Во САД е постигната спогодба во висина од 250 милиони долари во групна тужба против Apple поради наводно лажно рекламирање на можностите на вештачката интелигенција во асистентот Siri. Корисниците тврдат дека биле наведени да купуваат уреди со ветувања за напредни функции кои сè уште не биле достапни.
Компанијата при претставувањето на серијата iPhone 16 во 2024 година ја истакна новата генерација функции под брендот „Apple Intelligence“, особено подобрувањата на Siri. Сепак, две години подоцна, целосно обновената верзија на асистентот сè уште не е претставена, што предизвика незадоволство кај дел од купувачите.
Тужбата, поднесена во март 2025 година во Сан Франциско, наведува дека маркетинг кампањата ги довела потрошувачите во заблуда, бидејќи биле промовирани функции што не биле достапни во моментот на купување. Дел од корисниците истакнуваат дека не би ги купиле уредите или би платиле значително помалку доколку ја знаеле вистинската состојба.
Во спогодбата се опфатени околу 37 милиони уреди купени во САД меѓу јуни 2024 и март 2025 година, меѓу кои и моделите iPhone 15 Pro и iPhone 15 Pro Max. Корисниците што ќе поднесат барање ќе можат да добијат компензација од најмалку 25 долари по уред, а износот може да достигне и до 95 долари, зависно од бројот на пријави.
Од Apple соопштија дека случајот е затворен со цел фокус на идни иновации и развој на нови производи. Според извештаи, компанијата планира понатамошни подобрувања на Siri во текот на оваа година.