Apple воведе лизинг за iPhone и Mac: месечно плаќате помалку, но уредот не станува ваш

Apple во САД воведе нова програма за лизинг на iPhone, Mac, iPad и Apple Watch. Месечната рата е пониска, но уредот не станува автоматски сопственост на корисникот.

Apple воведе нов модел за користење на своите уреди во САД, со кој корисниците можат да земат iPhone, Mac, iPad или Apple Watch преку месечен лизинг. На прв поглед, програмата изгледа како полесен начин да се дојде до нов уред, но клучната разлика е важна: по завршувањето на договорот, уредот не е автоматски ваш.

Новата програма Apple Upgrade започна на 28 јули во САД и се спроведува преку финансиската компанија Klarna. Apple ја промовира со пораката „Сакај го. Изнајми го. Надгради го“, нагласувајќи ниски месечни плаќања и можност за редовна замена со понов модел.

Како функционира новиот модел?

За разлика од класична отплата на рати, по која уредот станува сопственост на корисникот, новата програма е поставена како лизинг.

Корисникот плаќа месечен износ, го користи уредот, а по истекот на договорот има три опции: да го врати, да го замени со понов модел или да ја плати преостанатата вредност за да го задржи.

За iPhone и Apple Watch се нудат договори од 12 или 24 месеци, додека за iPad и Mac периодот е 24 или 36 месеци.

Ниската месечна рата не значи поевтин уред

Најевтиниот понуден iPhone 17e се рекламира со месечен износ од 17,99 долари за договор од 24 месеци. iPhone 17 започнува од 22,99 долари, iPhone Air од 28,99 долари, а iPhone 17 Pro од 31,99 долари месечно.

На прв поглед, сумите изгледаат многу пониски од цената за купување нов телефон. Но, пресметката покажува поинаква слика.

Ако корисникот плаќа 31,99 долари месечно за iPhone 17 Pro во период од 24 месеци, вкупно ќе плати 767,76 долари. По две години телефонот сè уште не е негов. За да го задржи моделот со почетна цена од 1.099 долари, ќе треба да ја плати и разликата од околу 331 долар.

Ако го врати, дотогаш платените 767 долари остануваат цена за двегодишното користење на телефонот.

Истото важи и за MacBook

Слична е пресметката и кај компјутерите. MacBook Pro со продажна цена од 1.999 долари се нуди за 53,99 долари месечно во период од 24 месеци.

За две години корисникот ќе плати 1.295,76 долари, но потоа ќе мора да го врати лаптопот или да доплати уште околу 703 долари за да го задржи.

Затоа, ниската месечна рата не значи дека производот е поевтин. Таа значи дека дел од вредноста е оставен за крајот на договорот.

За кого може да биде корисно?

Овој модел може да биде практичен за корисници кои и онака купуваат нов iPhone секоја или секоја втора година и не сакаат сами да го продаваат стариот уред.

Наместо да плаќаат целосна цена, да бараат купувач и да преговараат за вредноста на користениот телефон, тие го враќаат уредот и склучуваат нов лизинг.

Но, за корисниците кои ги чуваат телефоните и компјутерите четири, пет или повеќе години, пресметката е поинаква. Купениот уред по отплатата останува нивна сопственост и може да се користи без дополнителни месечни трошоци, да се продаде, подари или замени.

Кај лизингот, редовното надградување може да создаде циклус во кој корисникот постојано плаќа, но никогаш не поседува уред.

AppleCare повеќе не е вклучен во цената

Apple Upgrade го заменува досегашниот американски iPhone Upgrade Program. Старата програма се засноваше на 24-месечен кредит без камата за целосната цена на телефонот и вклучуваше AppleCare+.

Доколку корисникот не го заменеше уредот, по отплатата телефонот стануваше негова сопственост. Новата програма, пак, е лизинг, а AppleCare не е вклучен во основната месечна цена.

Корисникот може дополнително да купи AppleCare, но таа заштита се наплаќа одделно. Без неа, оштетен уред може да донесе дополнителен трошок при враќањето. Apple наведува дека производот мора да биде вратен во добра состојба и дека може да се наплати надоместок за оштетување.

Вистинската цена може да биде повисока од рекламираната

Во финалната пресметка не влегува само месечната рата. Може да има и дополнителни трошоци за AppleCare, оштетување, предвремено раскинување на договорот или откуп на уредот по завршувањето на периодот.

За учество се прави проверка преку Klarna. Apple наведува дека првичната проверка е „мека“ и не влијае врз кредитниот резултат, но неплатени обврски може да доведат до присилна наплата и да се одразат врз кредитната историја.

Доколку корисникот не избере што ќе направи по завршувањето на основниот период, договорот може привремено да продолжи од месец во месец. Но, и тогаш уредот не станува автоматски негов.

Засега само во САД

Програмата во моментов е достапна само во САД и бара американско живеалиште, платежна картичка и број за социјално осигурување. За iPhone е потребно и поврзување со AT&T, T-Mobile или Verizon, иако уредот останува отклучен.

Apple засега не објавил дали и кога овој модел ќе биде проширен на други пазари.

За компанијата, лизингот носи неколку предности: полесно прифаќање на високите цени, побрза замена со нови модели, подолго задржување на корисниците во Apple екосистемот и повеќе вратени уреди што можат да се користат како обновени производи или резервни компоненти.

Лизингот сам по себе не е измама и не мора да биде лош избор. Но, корисниците треба внимателно да пресметаат колку ќе платат во текот на договорот, колку ќе чини откупот и дали можеби е поисплатливо уредот да се купи и подоцна самостојно да се продаде.

Во новата програма најниската бројка е највидлива – месечната рата. Најважната останува за крајот: по сите уплати, уредот сè уште не е ваш.

е-Трн да боцка во твојот инбокс