Ова го тврди Марк Гурман од Блумберг. Проектот на „Епл“ за самостојно управување на автомобили траеше повеќе од една деценија и чинеше над 10 милијарки долари пред да биде откажан во 2024 година. Компанијата бркаше таканаречена автономија од „петто ниво“, односно автомобили што возат целосно сами без никаква помош од човек.
Таа цел уште на самиот почеток го натера „Епл“ сериозно да загази во полето на вештачката интелигенција. На инженерите им требаше начин локално и во реално време да обработуваат огромни количини податоци, па затоа направија специјални чипови за автомобилот. Чипот за колата никогаш не излезе во јавност, ама истражувањето зад него не пропадна.
Наместо тоа, од него произлезе „Нјурал енџин“ (Neural Engine), односно процесорот за вештачка интелигенција што денес е вграден во речиси секој чип на „Епл“. Првпат се појави во „Ајфон Икс“ (iPhone X) во 2017 година за да ги придвижува опциите Face ID и Animoji, а од 2020 година го има и секој Мак-компјутер со чип на „Епл“.
Гурман вели дека истото тоа истражување помогнало да се направат најмоќните „Ултра“ чипови на компанијата, а ги обликуваше и специјалните процесори кои сега ги придвижуваат серверите за „Епл интелиџенс“ (Apple Intelligence). „Епл“ можеби е побавен од „Гугл“ и „Мајкрософт“ на полето на софтверот за вештачка интелигенција, ама неговата основа за хардверот датира од многу порано отколку што луѓето мислат.
Автомобилот на „Епл“ се памети како неуспех бидејќи никогаш не стигна до купувачите, ама во самата компанија заврши многу покорисна работа. Му даде предност на „Епл“ во развојот на хардвер за вештачка интелигенција, со години пред генеративната вештачка интелигенција да стане главна битка во индустријата.