Луѓето кои земаат антидепресиви треба да бидат особено внимателни за време на летните горештини, предупредуваат лекарите. Одредени видови антидепресиви можат да влијаат врз начинот на кој телото ја регулира температурата и потењето, што го зголемува ризикот од прегревање на организмот.
Според експертите, кај овие лица почесто се јавуваат симптоми како вртоглавица, мачнина, главоболка, замор и дехидратација, особено кога температурите достигнуваат 30 до 40 Целзиусови степени. Во потешки случаи може да дојде и до топлотен удар, кој бара итна медицинска помош.
Некои антидепресиви го намалуваат потењето, што му отежнува на телото природно да се разладува. Други, пак, можат да предизвикаат прекумерно потење, што дополнително ја зголемува опасноста од губење течности и електролити.
Лекарите препорачуваат лицата кои користат антидепресиви да внесуваат доволно течности, да избегнуваат директно изложување на сонце во најтоплиот дел од денот, да престојуваат во разладени простории и да не ги прекинуваат лековите без консултација со својот лекар. Доколку се појават симптоми како силна слабост, конфузија, несвестица или висока телесна температура, потребно е веднаш да се побара медицинска помош.