Дали „Пријателките“ се враќаат? Анистон, Кудроу и Кокс размислуваат за снимање на нов ситком

Џенифер Анистон и Лиза Кудроу навестија можност за нов ситком со Кортни Кокс, повеќе од 30 години по премиерата на „Пријатели“.

Повеќе од 30 години по премиерата на „Пријатели“, Џенифер Анистон и Лиза Кудроу повторно ги разбудија надежите на фановите дека дел од славната екипа би можел да се обедини во нов телевизиски проект.

Во заедничко интервју, двете актерки зборуваа за носталгијата околу серијата, за спомените од снимањето и за тоа како „Пријатели“ и денес останува важен дел од поп-културата. Кудроу откри дека новата сезона од „Враќањето“ се снимала на легендарната „Сцена 24“ во студиото на Warner Bros, истото место каде што со години се снимаше „Пријатели“.

Дополнителна емоција донесе и фактот што нејзиниот син Џулијан Стерн, со кого таа беше бремена за време на снимањето на „Пријатели“, денес има улога во новата сезона на серијата.

„Тој порасна слушајќи го смеењето на публиката“, коментираше Анистон.

Кудроу се присети и на традицијата што актерската екипа ја имала пред снимањата, кога сите се собирале во круг и за среќа го допирале нејзиниот труднички стомак. Таа раскажа и дека кога нејзиниот син бил мал, покажувал кон телевизорот кога ќе ја видел Џенифер Анистон и велел „мамо“.

Актерките зборуваа и за најпознатите сцени од „Пријатели“, за гостувањата на Бред Пит, Брус Вилис, Џулија Робертс, Шон Пен и други холивудски ѕвезди, како и за тоа колку снимањето пред жива публика било посебно искуство.

Најголемото изненадување дојде на крајот од разговорот, кога Лиза Кудроу отворено предложи нов ситком во кој повторно би играла заедно со Џенифер Анистон и Кортни Кокс.

„Би сакала повторно да снимам ситком ако некој напише добра приказна. Може ли да бидеме ти, јас и Кортни?“, праша Кудроу.

Анистон веднаш ја прифати идејата и предложи приказна за три блиски пријателки, додавајќи дека концептот треба сериозно да се развие.

Иако засега нема официјална потврда за нова серија, самата можност Анистон, Кудроу и Кокс повторно да се појават заедно пред камерите беше доволна за да предизвика голем ентузијазам кај фановите на „Пријатели“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс