Англија се приближува кон построги правила за користење мобилни телефони во училиштата. Иако Министерството за образование веќе има насоки според кои училиштата треба да бидат средини без мобилни телефони во текот на целиот училиштен ден, новиот план е таа пракса да стане и законска обврска, а не само препорака.
Амандманот е поврзан со Предлог-законот за благосостојба на децата и училиштата. На страницата на британскиот парламент е наведено дека предложената измена бара училиштата да ја забранат употребата на паметни телефони во текот на училишниот ден. Според Скај њуз, Домот на лордовите ја поддржал оваа насока, а Долниот дом се очекува наскоро да гласа за амандманот.
Во британската јавност ваквата мерка се образложува со аргументот дека мобилните телефони го одвлекуваат вниманието на учениците, ја нарушуваат концентрацијата на час и можат да придонесат за проблеми како врсничко насилство и дигитален притисок меѓу децата. Владата веќе јавно порача дека на мобилните телефони „не им е местото во училиштата“, а новата измена треба само да го претвори тоа во јасно правило што ќе важи за сите.
Поддршка за законското заострување доаѓа и од синдикатите. Скај њуз објави дека синдикатот NASUWT и здружението на директори NAHT ја поддржуваат промената, оценувајќи дека таа ќе донесе повеќе јасност и ќе ги намали разликите во тоа како училиштата пристапуваат кон правилата за смартфони.
Во предлогот, според британските медиуми, се спомнуваат и можни исклучоци за одредени категории ученици, меѓу нив завршни класови, ученици со медицински потреби и дел од интернатите. Тоа значи дека и ако измената биде усвоена, начинот на спроведување сепак ќе остави простор за ограничени и строго дефинирани исклучоци.
Темата станува дел од поширока дебата во Британија за влијанието на екраните, социјалните мрежи и дигиталните навики врз децата. Во март британската влада веќе излезе и со пошироки препораки за ограничување на времето пред екран кај најмалите деца, што покажува дека прашањето за телефоните во училиштата е дел од поголем политички и образовен тренд.