Водата во Скопје е безбедна за пиење, покажуваат најновите анализи извршени од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје. Според неделниот извештај на претпријатието, примероците земени од 43 мерни места се во целосна согласност со Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење.
Во периодот од 22 до 26 јуни, Секторот за санитарна контрола извршил анализа на вкупно 378 примероци вода – од кои 189 за физичко-хемиски и 189 за микробиолошки испитувања.Резултатите покажуваат дека водата од градската водоводна мрежа ги исполнува пропишаните стандарди и е безбедна за употреба од граѓаните.
Од претпријатието нагласуваат дека редовниот мониторинг продолжува со цел одржување на висок квалитет и сигурност на водоснабдувањето во главниот град.