Поранешни асистентки открија како е да се работи за Ана Винтур

Три поранешни асистентки на Ана Винтур анонимно открија како изгледала работата за уредничката на Vogue, споредувајќи го искуството со филмот „Ѓаволот носи Прада“.

Три поранешни асистентки на Ана Винтур анонимно проговорија за тоа како изгледало да се работи за долгогодишната уредничка на „Vogue“, опишувајќи искуство кое многу потсетува на филмот „Ѓаволот носи Прада“.

Во разговор со новинарката и биографка Ејми Одел, тие откриле детали од секојдневието со 76-годишната модна икона, за која велат дека „може да намириса страв“.

Долго време се шпекулира дека токму Винтур била инспирација за ликот на Миранда Пристли, која во филмот од 2006 година ја игра Мерил Стрип. Филмот е базиран на романот на Лорен Вајсбергер, една од поранешните асистентки на Винтур.

Една од жените изјавила дека работата за Ана била „многу слична“ на она што е прикажано во „Ѓаволот носи Прада“.

Од непрекинати мејлови до задачи за викенд

Поранешните асистентки раскажуваат дека работата вклучувала постојани мејлови, задачи во текот на денот и ноќта, но и викенд обврски. Барањата најчесто биле кратки и директни: „Поврзете ме со ова лице“, „Морам да ја видам таа личност“ или едноставно „Кафе, ве молам“.

Според Одел, Винтур знаела да испрати задачи и за време на викенд, од потсетници за следната недела до итни барања кои морале веднаш да се завршат. Тоа можело да значи пронаоѓање стари печатени новинарски текстови или носење книга од канцеларијата на „Vogue“ што ѝ била потребна додека била во Лондон.

Некои од поранешните вработени сметале дека таквите барања биле начин на тестирање на новите асистентки, додека други велат дека Винтур едноставно имала толку многу потреби што тие целосно го преземале нивниот живот.

Строги правила и утрински ритуали

Според книгата на Ејми Одел, Ана Винтур најчесто имала две или три асистентки, а секоја од нив имала точно одредени задачи. Првата асистентка била задолжена за нејзиниот распоред, втората комуницирала со персоналот во нејзините домови на Менхетен и Лонг Ајленд, координирала филмски проекции и се грижела за нејзините кучиња.

Кога нова асистентка ќе почнела да работи, добивала прирачник од 21 страница со детални упатства — од водење на трошоците на Винтур до одржување на нејзините недвижности.

Од асистентките се очекувало да пристигнат во канцеларија меѓу 7 и 7:30 часот наутро. Втората асистентка морала да ја пречека Винтур со нејзината вообичаена нарачка за појадок: лате од Starbucks со полномасно млеко и мафин со боровинки.

„Ако кафето не беше на маса кога ќе пристигнеше, Ана изгледаше раздразливо“, изјавила една од асистентките.

„Доаѓа!“ – сцена како од филм

Доаѓањето на Винтур во канцеларија предизвикувало вистинска паника меѓу вработените, кои брзале да проверат дали сè е совршено подготвено.

„Беше многу слично како во ‘Ѓаволот носи Прада’, кога сите викаат: ‘Доаѓа!’ Секогаш брзав сè да подготвам. Буквално средувате работи и внимавате сè да изгледа совршено“, раскажала една поранешна асистентка.

Штом Винтур ќе влезела, асистентките веднаш отворале празен Word-документ или нацрт-мејл за брзо да запишат сè што ќе каже. Тие се обидувале да избегнат возење во лифт со неа, за да не се најдат во ситуација да им диктира задачи додека немаат пенкало и хартија.

Најтешкиот дел од работата, според нив, бил исполнувањето на барањата со многу малку информации. Постоело непишано правило дека Ана не смее да се прашува за појаснување или помош, дури и кога нејзините белешки биле напишани со тешко читлив ракопис.

Облеката исто така била под лупа

Една од најпознатите сцени во филмот е кога Миранда Пристли остро ја критикува облеката на Андреа. Поранешните асистентки велат дека и Ана Винтур внимателно забележувала што носат.

Високи потпетици биле речиси задолжителни. Поранешната асистентка Мередит Асплунд се присетила дека за време на својата двегодишна работа еднаш добила поглед што јасно ѝ ставил до знаење дека комбинацијата не ѝ се допаѓа.

„Не беше поглед на одобрување. Повеќе беше во стилот: ‘Што е ова?’ Точно можевте да препознаете кога мисли: ‘Зошто би ги носела тие панталони со тој топ?’“, раскажала таа.

Асистентките велат дека комуникацијата со Винтур често се одвивала преку белешки, а дури и начинот на обраќање бил строго пропишан. Требало да пишуваат: „Белешка; ве молам за совет“, па потоа прашањето.

Според Одел, процесот бил толку неефикасен што на крајот бил укинат. Но, суштината на работата останала иста: да се биде асистентка на Ана Винтур значело да се организира секој детал од нејзиниот ден, за таа секој буден момент да може да го посвети на работата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс