Полската писателка Ана Пашкевич доаѓа во Скопје со еко-сликовницата „Три желби“

Сликовницата „Три желби“ ја преобмислува бајката за златната рипка низ теми за екологија, емпатија и одговорност кон живиот свет.

Полската писателка за деца Ана Пашкевич неделава ќе престојува во Скопје, каде што ќе одржи креативни работилници инспирирани од нејзината сликовница „Три желби“. Станува збор за современа еколошка и едукативна приказна што ја преобмислува познатата бајка за златната рипка, но овојпат од перспектива на природата и живиот свет.

Работилниците ќе се одржат на 12 и 13 мај под наслов „Совршениот дом за златната рипка“, со деца од рана училишна возраст. Преку различни материјали, игра и креативни методи, Пашкевич ќе ги запознае децата со растителниот и животинскиот свет во водните средини и ќе поттикне разговор за односот кон природата и најблиската околина.

Во „Три желби“, златната рипка повеќе не е магично суштество што ги исполнува желбите на луѓето. Наместо тоа, таа посакува луѓето да направат нешто добро за планетата. Книгата отвора теми за загадувањето, емпатијата, одговорноста и малите чекори што можат да донесат промена. Илустрациите се на Јоана Бартошик, а преводот на македонски е на проф. д-р Лидија Танушевска.

Ана Пашкевич е една од позначајните современи полски авторки за деца, позната по тоа што преку едноставен јазик обработува теми како природа, емоции, идентитет, осаменост, инклузија и различни начини на доживување на светот. Авторка е на повеќе од шеесет книги за деца, а нејзините дела се преведени на повеќе јазици.

Работилниците во Скопје се организираат со поддршка на Општина Центар, во соработка со основните училишта „Коле Неделковски“, „Јохан Хајнрих Песталоци“, „Гоце Делчев“ и „Димитар Миладинов“, како и со Градската библиотека „Браќа Миладиновци“. Пашкевич ќе има средба и со студентите од Катедрата по славистика на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни