Во Тетово ќе се одржи специјален настан „Американски панаѓур“, кој носи една од најпознатите американски традиции во Македонија, во рамки на прославата за 250-годишнината од основањето на Соединетите Американски Држави.
Настанот ќе се одржи во големиот парк на Универзитетот во Тетово, со почеток во 17:00 часот и ќе трае до 22:00 часот. Организаторите најавуваат богата програма наменета за сите возрасти, со музика, забава и интерактивни активности.
Посетителите ќе можат да уживаат во жива музика, спортски предизвици, едукативни содржини, игри, како и автентична американска храна. Дел од искуството ќе биде и механичко родео, фотографирање во каубојски амбиент и дегустација на препознатливи американски специјалитети како корн дог.
Настанот ќе ја промовира американската култура, образование и граѓански ангажман преку активности организирани од Американските катчиња, EducationUSA, алумни од програми за размена и локални партнери.
Во текот на вечерта е предвидена разновидна музичка програма со диџеи, кантри и рок изведби, како и настап на американскиот воен бенд Free Groove.
Влезот е бесплатен, а организаторите порачуваат дека сите се добредојдени, без разлика дали сакаат да ја запознаат американската култура или едноставно да поминат вечер исполнета со забава.