Американскиот Конгрес отвори истрага против ФИФА поради сомнежи за корупција, трговија со влијание и наводни привилегирани односи со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп. Истрагата ја иницираше демократскиот конгресмен Џејми Раскин, водечки член на Комитетот за правосудство, кој испрати официјално писмо до претседателот на ФИФА, Џани Инфантино.
Според Раскин, предмет на истрагата ќе биде, како што наведува, „континуираната кампања“ на ФИФА за обезбедување повластен третман од администрацијата на Трамп, вклучително и наводното запирање на важни антикорупциски постапки против светската фудбалска организација.
„Последната трговија со влијание меѓу ФИФА и претседателот Трамп не е злосторство без жртви“, наведува Раскин, обвинувајќи ја администрацијата дека се откажала од натамошно гонење на случаи на корупција поврзани со ФИФА.
Тој потсетува дека претходните истраги на американското Министерство за правда откриле меѓународна мрежа на поткуп поврзана со телевизиските права за пренос на натпревари, при што биле откриени повеќе од 200 милиони долари мито и провизии, а обвинети имало од повеќе од 20 држави.
Конгресната истрага ќе го испитува и начинот на управување со ФИФА под водство на Инфантино, вклучително и обвинувањата дека организацијата ги ослабнала своите внатрешни етички механизми додека истовремено се обидувала да воспостави поблиски односи со администрацијата на Трамп.
Дополнително, ќе се проверуваат и практиките за продажба на билети за Светското првенство. Раскин тврди дека ФИФА применувала динамично формирање на цените, значително ги поскапувала билетите и во одредени случаи им доделувала полоши места на навивачите отколку што првично платиле. Во рамки на истрагата, од ФИФА се бара да достави целокупна документација и комуникација поврзана со евентуални подароци, уплати или други поволности за Доналд Трамп и неговите соработници, како и записи за контактите со американски државни претставници.
Раскин побарал и евиденција за посетителите на канцеларијата на ФИФА во „Трамп Тауер“, а го повика Џани Инфантино да сведочи пред Комитетот за правосудство. Од него е побарано најдоцна до 9 август 2026 година да се изјасни за терминот на сослушувањето.