Кинеската технолошка компанија „Хуавеј“ (Huawei) е прогласена за виновна во обемна кривична постапка во САД, во која беше обвинета за прикривање информации од банките за своето работење во Иран и за кражба на деловни тајни на американски компании. Федералната порота во Бруклин утврди вина по 10 од 12 точки од обвинението. Компанијата беше ослободена од обвинението за здружување со цел извршување кривични дела, според кое наводно дејствувала како криминална организација.
Постапката започна во 2018 година, а веќе следната година американската влада го стави „Хуавеј“ на трговската црна листа. Со таа одлука на компанијата ѝ беше ограничен пристапот до американската технологија. И покрај долгогодишниот правен и политички притисок, аналитичарите оценуваат дека случајот не го нарушил значително работењето на кинеската компанија. „Хуавеј“ го диверзифицираше својот бизнис и стана еден од важните актери во развојот на вештачката интелигенција во Кина. Компанијата има повеќе од 200.000 вработени и работи во околу 170 држави.
Апсењето на финансиската директорка предизвика дипломатска криза
Случајот привлече меѓународно внимание во декември 2018 година, кога во Канада, врз основа на американска потерница, беше уапсена Мeнг Ванџоу, финансиската директорка на „Хуавеј“ и ќерка на основачот на компанијата. Нејзиното апсење предизвика дипломатска криза во која беа вклучени САД, Кина и Канада.
Против Ванџоу претходно беше подигнато тајно обвинение за наводно доведување во заблуда на банкарите во ХСБЦ во врска со деловните активности на „Хуавеј“ во Иран. Според обвинението, преку прикривањето на тие информации компанијата можела да врши трансакции во американски долари кон и од Иран, со што биле прекршени американските санкции. Речиси три години Ванџоу се бореше против екстрадицијата во САД. Потоа склучи договор за одложено кривично гонење и се врати во Кина, каде што беше пречекана како хероина. Обвиненијата против неа подоцна беа отфрлени.
